Авион „ербас А319“ на Сичуан ерлајнс бил принуден да изврши екстремно принудно слетување во Кина откако еден од ветробраните на кокпитот се скршил и речиси го исшмукал копилотот од авионот на висина од 10 километри.

Авионот летнал од градот Чонгкинг во понеделникот наутро и успеал да се искачи на 9.800 метри, кога ветробранот од десната страна на кокпитот одеднаш се разнел, по што морале да слетаат на меѓународниот аеродром во Ченгду Шуанлиу.

Копилотот и друг член на екипажот претрпеле помали повреди, со оглед на степенот на штетата, рекоа кинеските воздухопловни власти, без да дадат детали што можело да го предизвика инцидентот. Авионот слетал безбедно со сите 119 патници и девет члена на екипажот.

„Немаше знак за предупредување, одеднаш стаклото едноставно се распука и се слушна силен тресок. Во наредната секунда мојот копилот беше извлечен до половина надвор низ прозорецот“, рече капетанот Лиу Чуанџан.

Додека властите продолжуваат да ја истражуваат несреќата, Сичуан ерлајнс забележал дека на летот бил доживеан „механички дефект“. Пред вонредното слетување, авионот на Сичуан ерлајнс бил упатен кон тибетскиот главен град Ласа.

На сликите од авионот објавени од корисниците на кинеската платформа за социјални медиуми Веибо се гледаат оштетената контролна табла и искршениот прозорец во кокпитот. Снимките направени од патниците покажуваат дека багажите паднале од горните шкафчиња и се појавиле маските за кислород.

„Сè во кокпитот лебдеше во воздухот. Поголем дел од опремата не функционираше… и не можев да го слушнам радиото. Авионот толку многу се тресеше што не можев да ги прочитам мерачите“, додаде капетанот, според Ројтерс.