Шетмина турски државјани беа депортирани од Косово, како осомничени дека се ѓуленисти. Косовската разузнавачка служба (AKI) и Полицијата на Косово уапсиле едно лице по грешка, објавија приштинските медиуми.
„Полицијата по налог на AKI побарала да биде уапсен турскиот државјанин Хасан Хисеин Демир, а наместо него уапсила и депортирала друг турски државјанин, Хасан Хисеин Гинакан“, објави приштински „Коха диторе“.
Во текстот се пренесува разговорот меѓу припадник на полицијата и уапсениот:
„Дали вие сте Хасан Хисеин Демир?“, прашува полицаецот, а приведениот професор по хемија во училиштето „Ѓулистан“ му одговора дека не е и дека се вика Хасан Хисеин Гинакан.
По овој разговор, полицаецот зборува со припадници на AKI и пренесува дека лицето вели дека не е она лице за кое имаат налог за апсење.
Припадници на AKI потоа разговараат на телефон со нивните шефови и потоа кажуваат дека се работи за вистинското лице, по што е депортиран Хасан Хисеин Гинакан, иако не бил оној кој требало да биде приведен и со авион депортиран заедно со уште петмината други турски државјани, на барање на турската разузнавачка служба.
Неговиот косовски адвокат истакнува дека ова „недоразбирање“ покажува дека припадниците на полицијата и на AKI не ги идентификувале депортираните, туку ги уапсиле само на основа на списокот на турската разузнавачка служба, пишува „Коха диторе“.
Со приведувањето и депортирањето на шесте турски државјани се погазени Уставот и законите на Косово, како и Меѓународната конвенција за човекови права.
Во Косово кон крајот на март на мистериозен начин беа уапсени шест турски државјани, под обвинение дека припаѓаат на движењето на верскиот лидер Фејтула Ѓулен кого Турција го обвинува за пучот чија цел беше соборување на владата на Реџеп Тајип Ердоган летото во 2016 година.
Бидејќи не бил информиран за акцијата, прмеиерот на Косово Рамуш Харадинај побара и доби оставки од министерот за внатрешни работи Фљамур Сефај и директорот на AKI Дритон Гаши.