Кривичната пријава против кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски денеска пристигнала во Основното јавно обвинителство Куманово. Пријавата што вчера ја потврди министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, е поднесена поради непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Димитриевски синоќа на социјалните мрежи напиша дека кривичната пријава е класична злоупотреба на инструментите на власта и праша дали на повидок е нов режим.

„Кривична пријава? Класична злоупотреба на инструментите на власта. Легитимна постапка со независни и непристрасни професионалци ќе ја покаже вистината. Навикнат сум на борба. И понатаму со ист интензитет заедно со истомислениците ќе продолжам да се борам. Во минатото се борев против режимот. Дали е на повидок нешто слично? Мојот приоритет во овие моменти е борба против епидемијата и здравјето на граѓаните. Правдата и вистината секогаш победуваат“, напиша Димитриевски.

Владејачкиот СДСМ се огради од неговите коментари истакнувајќи дека законите треба да важат за сите еднакво, а институциите да постапуваат во согласност со законите.

„СДСМ се оградува од ваквите изјави на Максим Димитриевски и од неговото однесување во последните денови. Владата предводена од СДСМ останува целосно посветена на здравствената состојба и во Куманово и секако на територијата на Република Северна Македонија. Изјавите за тоа дали личело на режим или слично со сигурност нема да ги спречат институциите да постапуваат и дејствуваат во согласност со законите за што и самиот Максим Димитриевски е свесен дека во нашата држава законите важат еднакво за сите“, рече Костадинов.