Командантот на КФОР Салваторе Куочи изјави дека не знае дали идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово е само идеја или шпекулација, но тоа е нешто што „може да поттикне други ситуации ширум Балканот”, пренесуваат косовските медиуми.

– Ние не сме дел од ова, не сме вклучени во овој процес. Не знам дали тоа е само идеја или се само шпекулации, вели Куочи.

– Кога зборуваме за размена на територии, тоа е нешто големо и не е поврзано само со Косово и Србија. Но, се разбира, тоа не е наш мандат, оваа одлука се носи на највисоко ниво и тоа не е одлука, која се носи само во Приштина и Белград, додаде тој.

– Сепак, без оглед на решението, ние сме тука да го поддржиме мировниот процес, бидејќи што и да се направи, тоа мора да се направи на исклучително мирен начин, вели Куочи.

Запрашан дали мисли дека постои ризик да се врати минатото на Балканот, Куочи вели оти не верува дека било која земја сака враќање во минатото.

– Балканот е во Европа и Европа не сака Балканот да биде жариште како што беше во минатото, подвлече Куочи.