Стратешките цели се реализираат. Станавме членка на НАТО и почнавме преговори за членство во ЕУ, изјави на прес-конференција, пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец.

Тој рече дека во време на глобално ниво се соочуваме со коронавирусот, успешните политики на СДСМ добиле конкретна потврда и овозможиле остварување на стратешките цели на државата.

„Република Северна Македонија е 30 земја членка на НАТО. Република Северна Македонија започнува преговори за членство во ЕУ. Ова е големо признание за сите заложби кои ги направивме како држава за релативно краток период, за само 2.5 години. Добивме признание за истрајноста, капацитетите и политичката волја на нашите институции – Владата, Собранието, Судството да ги спроведат реформите поставени како наша цел уште во 2017 година. Иднината на нашата држава е обезбедена. Гарантирана е нашата стабилност, безбедност, отворени се можностите за демократски развој, напредок, економски просперитет, нови работни места, инвестиции“, рече Локвенец.

Тој додаде дека Република Северна Македонија продолжува храбро да чекори напред, кон напредок и просперитет за сите нејзини граѓани, а пред нас е да се избориме со здравствените и економски предизвици од коронавирусот, за потоа уште позасилено да продолжи европската агенда.