Додека не заврши судскиот процес за набавката на „мерцедесот“ од претходната влада, тој ќе остане во гаражите на владината Служба за општи и заеднички работи, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски, по одлуката да се стави во мирување продажбата на овој автомобил за кој Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори предмет „Тенк“ кој е во судска постапка.

– Мерцедесот е конзервиран, направено е вештачење, и се ноаѓа во депото на Службата за општи и заеднички работи. Ќе видиме во наредниот период како и дали воопшто ќе биде ставен во функција, изјави денеска Бошњаковски, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој потенцираше дека нема правна пречка да се отуѓи „мерцедесот“.

СЈО, посочи, имаше директна изјава дека „мерцедесот“ може да се отуѓи, меѓутоа сакаме да ги исклучиме сите можни ситуации со кои што ќе им оневозможиме на обвинетите во рамки на таа постапка да го исклучат како материјален доказ.

Владата на синоќешната седница одлучи да ја стави во мирување продажбата на „мерцедесот“ вреден 600.000 евра што го набави претходниот владин состав, со цел да осигури дека никој нема да ја искористи оваа постапка за да избегне одговорност во судскиот процес каде ова возило е материјален доказ.