Министерката за финансии Нина Ангеловска кажа дека ќе се откажела од платата додека траеле кризните мерки. Откако извести за бескаматните кредити чија цел е да ги заштитат компаниите и вработените во нив, за намалувањето за половина на затезната камата и ослободувањето на фирмите од плаќање аконтации од данок на добивка, таа повика сите да се однесуваат одговорно оти во „тешки моменти се познаваат хероите“.

„ И бидејќи често како што велат, делата се погласен говорник од зборовите сакам да ве информирам дека додека траат кризните мерки на Владата јас како министер за финансии се откажувам од мојата плата“, рече Ангеловска.

Во услови кога државата треба да им помогне на оние кои имаат проблем со одлагање на даноците, Ангеловска повика сите оние кои ќе имаат раст на добивките во овој период да и помогнат на државата и на сите граѓани и со предвремено па и авансно плаќање на своите давачки.

Буџетот во моментот е стабилен, извести министерката, но нагласи дека тоа во услови на намалена економска активност ќе се смени многу брзо. Нејзин став е дека буџетот на Министерството за здравство има простор успешно да одговори на здравствената криза. Од контактите со меѓународните институции министерката Ангеловска рече дека предвидувањата се дека економијата ќе биде најпогодена во вториот квартал од годината, во третиот квартал е можно да се опоравува, а за стабилизација може да се размислува во четвртиот квартал иако нагласи дека кризата предизвикана од коронавирусот е максимално непредвидлива како и самиот вирус.