Централниот одбор на НСДП го разгледал Извештајот за претседателските и парламентарните избори 2024 година на седницата која вчера се оддржала во хотел „Хилтон“ во Скопје. Од партијата информираат дека извештајот бил едногласно усвоен.

– По завршувањето на овие избори НСДП останува парламентарна партија со два пратеници во актуелниот собраниски состав. Централниот одбор на НСДП донесе заклучок во следниот период пратениците да делуваат опозициски, а за начинот и формата на опозициското делување ќе одлучува на следната седница во месец септември – стои во соопштението од партијата.

Претседателот на НСДП, пратеникот, Горан Мисовски во изјава за медиумите информираше дека ќе делуваат опозициски.

Покрај него, и Соња Мираковска е избрана за пратеник во новиот парламентарен состав.

Реакцијата следуваше откако на социјалните мрежи и во дел од медиумите беше објавено дека пратеници од партијата која беше дел од „Коалиција за европска иднина“, ќе се придружат на парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ кое сега брои 58 пратеници.

Ваквите наводи ги демантираше и претседателката на ЛДП, пратеничка Моника Зајкова.