Шест од вкупно осум пратеника на Алијанса за Албанците во парламентот ја поддржуваат владејачката коалиција, вели во интервју за МИА собранискиот претседател Јован Митрески. Ова е одговорот кој тој го дава на прашањето дали парламентарното мнозинство е стабилно по раздорот што се случи во Алијанса за Албанците.

Стабилноста на владејачкото мнозинство, како што вели Митрески, се видела за време на гласањето за разрешувањето на министрите Фатмир Меџити и Азир Алиу.

„Да. Тоа се виде и на гласањето за разрешување. Значи, кога веќе ја спомнувате Алијанса за Албанците во овој момент имам информација дека од осум вкупно пратеници на пратеничката група на Алијансата за Албанците шест пратеници стриктно и директно ја подржуваат оваа владејачка коалиција“ вели Митрески во интервјуто за МИА.

Двајцата министри кои по раздорот во Алијанса застанаа зад партискиот лидер Арбен Таравари, беа разрешени минатата недела со мнозинство од 62 гласа „за“ – еден повеќе од потребниот минимум од 61 глас кој беше потребен за нивна смена од позицијата и за избор на нови министри.

Новите министри за здравство и за информатичко општество, Илир Демири и Наим Бајрами, кои се исто така од редовите на Алијанса за Албанците, беа избрани вчера во Собранието со 63 гласа „за“.