На Француските воени гробишта во Скопје денеска беа отворени Спомен-куќата и музеј посветени на настаните од Првата светска војна.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, рече дека овој музејски простор ќе сведочи за Македонскиот фронт и ќе биде симбол на врските и пријателството меѓу Франција и Македонија.

„Македонскиот фронт, кој се протегал од Охридското Езеро, па сè до Орфанскиот Залив во Егејското Море е линијата каде што се одиграле едни од најкрвавите, но и најпресудни битки во Првата светска војна. Голем дел од градовите и селата по должината на линијата на фронтот се срамнети до земја, а околу 200.000 Македонци учествуваат на двете страни од боиштето. Тука војуваат и француски, и руски, и српски, и грчки, и бугарски војски, а како што запишал еден современик на тие настани: Македонија станала некропола на странските војски“, изјави Шилегов.

Тој додаде дека само на ова место се наоѓаат посмртните останки на 2.930 француски војници, од кои единствено 930 се идентификувани, а никој не може да каже дека во преостанатите 2.000 незнајни војници нема и некој од овие краишта.

На Француските воени гробишта во Скопје се наоѓаат тела на војниците коишто загинале во нападот на Сојузничките армии во Македонија во септември 1918 година.