Кога сме кај парламентарните, како се доближуваат изборите, така природно политичките блокови се делат на прозападен и проруски. Едниот предводен од СДСМ, вториот од ДПМНЕ. Но, интересно е овој пат дека поделби има и во самите партии и не само во овие, туку речиси во сите други, од сите етникуми, од сите големини.

Секој почеток на годината, секоја Нова година сите си честитаме, посакуваме убави работи на блиските, успеси и добро здравје за себе.

Честопати даваме и лични ветувања, дека нешто во нашето секојдневие ќе промениме на подобро или ќе исфрлиме нешто штетно од нашите животи, ќе се откажеме од некоја лоша навика.

Новата година значи и нови почетоци, а новите почетоци значат надеж или неизвесност, во зависност од кои се нашите предвидувања или проекции за годината која доаѓа

И ако го оставиме личното на страна, ајде да пробаме да анализираме што не очекува колективно сите, на ниво на држава. Надеж или неизвесност!?

Оваа година има двојни, суштински битни избори, претседателски и парламентарни. Ова „суштински битни избори“ можеби стана клише, но навистина овој пат се суштински битни.

И некој можеби ќе каже дека претседателската функција не е богзнае колку битна поради нашето државно уредување, но тоа не е така.

Откако сме полноправна членка на НАТО, претседателот повеќе не е врховен командант на армијата, туку врховен командант на армијата на земја-членка на НАТО алијансата.

Беснее војна во Украина, се војува и во Палестина, се закануваат и потенцијални нови воени жаришта.

Оттука, кој ќе биде врховен командант на армијата е и те како битно во овие кризни времиња.

Дали некој стабилен, способен, со одлични контакти низ светот или некој нестабилен, неспособен поддржан од ДПМНЕ со цел повторно да ја изолира Македонија, наместо да оди напред!?

ПРОЗАПАДЕН ИЛИ ПРОРУСКИ

Уште побитни се парламентарните избори кои доаѓаат. И токму во контекст на нив, првиот круг на претседателските кој се одржува две недели пред парламентарните е уште позначаен.

Првиот круг на претседателските избори ќе ја креира еуфоријата и надежта за парламентарните доколку има предност проевропскиот претседателски кандидат, а од друга страна пак, предност на прорускиот кандидат за претседател ќе значи повторен вовед во колективен очај и изолација.

Кога сме кај парламентарните, како се доближуваат изборите, така природно политичките блокови се делат на прозападен и проруски.

Едниот предводен од СДСМ, вториот од ДПМНЕ. Но, интересно е овој пат дека поделби има и во самите партии и не само во овие, туку речиси во сите други, од сите етникуми, од сите големини.

Секаде има луѓе, политичари, кои се прозападно ориентирани, но има и онакви кои се происточно свртени.

Едни кои се за прогрес, повисоки плати, пензии, поубави патишта, болници и училишта, а другите за изолација, режим, замолчување и тепање.

Практично, ваква е поделбата и во светот малтене.

Чинам за прв пат и во условно кажано етнички албанските партии има онакви кои се проруски ориентирани. Србите велат парите бушат кадешто бургијата не може.

Тука секако игра голема улога и односите (судирот) на релација Рама – Курти што неминовно се рефлектира и кај нас.

ОД НАС ЗАВИСИ

И сега на македонската политичка сцена не се знае кој јаде, кој пие, а кој плаќа. И оваа прозападна – проруска поделба за жал се рефлектира и во бизнисот и во судството, обвинителствата, црквата, медиумите…

Ова е вака секогаш кога Македонија треба да направи крупен чекор за надеж и сигурна иднина.

Вака беше пред независноста, вака беше пред Рамковниот, истото се случуваше и пред членството во НАТО, еве и сега повторно кога сме пред ЕУ. И во земјите од регионот, секогаш проруските “спијачи” се будат баш пред клучни, државнички одлуки.

И ако се вратам на почетокот, бидејќи сме на почеток на година, што да очекуваме во оваа, надеж или неизвесност?

Одговорот не е ни надеж ни неизвесност. Одговорот е дека од нас зависи. Ние сите заедно оваа пролет одлучуваме.

Дали ќе го заокружиме и европскиот генерациски сон или ќе фрлиме се во вода што сме постигнале како народ и ќе се вратиме во изолација!? Дали сакаме убав живот тука, со добар економски стандард и без корупција или сакаме повторно реприза на криминалот, поклопеното судство и медиуми!?

И логично се поставува прашањето: До кога? До кога ќе се бориме?

До кога и да треба, но сега шансата ни е поблиска од било кога. Се поделивме пред финално да се обединиме!

Европскиот концепт ќе победи и ќе нѐ обедини сите заедно напред во поубав живот во нашата Македонија.

Приклучете се сите! За надеж за нас и за нашите деца!

Пишува: Стефан Богоев, потпретседател на СДСМ