Како главна причина за намалувањето на бројот на македонски државјани на боиштата на Блискиот Исток се наведуваат апсењата на регрутирачи и помагачи на радикалните исламисти во Македонија.

Се намалува бројот на Македонци кои заминуваат на боиштата на Блискиот Исток. Во националната стратегија за борба против тероризмот (2018-2022), како главна причина за намалувањето се наведува тоа што заминувањето на боиштата во Ирак и во Сирија стана кривично дело кое се казнува со затвор.

Драстично намалување на странски терористички борци од Република Македонија од 2016 година наваму се должи на зголемената тешкотија при патувањето преку Република Турција, апсењата на регрутирачите и помагачите во Република Македонија, како и зголеменото медиумско внимание кон ѕверствата на ИСИС“, се наведува во стратегијата.

Во МВР велат дека околу 150 државјани на Македонија учествувале во војните во Сирија и во Ирак како припадници на паравоени формации и оти околу 80 од нив се вратени во земјата. Според податоците што ги објави претседателот Ѓорге Иванов пред две години, најмалку 25 македонски државјани загинале на боиштата во Сирија и во Ирак. Во МВР велат дека вршат постојан оперативен увид врз активностите на повратниците во земјата и оти 17 од нив се осудени и се во затвор.

Токму повратниците се сметаат за опасност за безбедноста во Македонија, но и за радикализирање на нови луѓе и врбување нови борци.

„Пред да заминат, лицата посетувале верски предавања на радикални имами, некои се радикализирале преку интернет (социјални мрежи), а некои преку лични контакти, од кои добиле и логистичка поддршка за нивно заминување и приклучување кон тамошните паравоени формации“, велат во МВР.

Како главни стратешки приоритети во борбата против тероризмот се наведуваат превенцијата, заштитата, гонењето и одговорот.

Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност вели дека дел од луѓето заминуваат на боиштата на Блискиот Исток за пари, а дел поради идеологија. Токму вторите се поопасни, вели тој, зашто се враќаат уште порадикализирани отколку што заминале. Според него, казнувањето не е доволно за да се спречи понатамошна радикализација.

„Очигледно е потребна ресоцијализација на ваквите личности од сите државни структури кои треба да бидат вклучени во оваа ресоцијализација и тоа би била една од поефикасните мерки и активности за да не доаѓаме во ситуација понатаму да има регрутирање и учество во овие странски борбени дејствија и странски војски и од друга страна да нема проширување на таа идеолошка матрица на тлото на Република Македонија“, вели Марковски.

Во МВР велат дека во моментов нема организирани процеси за ресоциализација на повратниците, но оти во националната стратегија се предвидува ресоцијализација и реинтеграција на овие луѓе во општеството.

Владата пред неколку дена ги објави националните стратегии за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам за наредните четири години.