Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993) е најзначајната фигура на македонскиот 20 век. Филолог, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, преведувач, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, академик – прв претседател на Македонската акадамија на науките и уметностите (МАНУ).

Тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.

За животот на Блаже Конески

Блаже Конески е роден во село Небрегово, Прилепско, каде живеел до својата осма година. Потоа, целото семејство се преселило во Прилеп и таму Конески учел основно училиште и нижа гимназија. Виши класови гимназија завршил во Крагуевац, а студиите по славистика ги започнал во Белград, а ги завршил во Софија 1944 година.

По ослободувањето дошол во Скопје и развил богата културна и научна дејност.

Како научник-славист, тој ги направил најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Учествувал во комисијата за азбука, учествувал во составувањето на првиот македонски правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик, тој е еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик (во три тома).

Освен со научна, Конески се занимава со творечка, препејувачка, есеистичка и критичка дејност.

Во 1945 г. се појавува неговото прво поетско дело „Мостот“, со мотив од изградбата на земјата; 1948 г. збирката „Земјата и љубовта“ – песни со патриотски и борбени чувства, карактеристични за првата фаза на повоената македонска поезија; 1953 г. збирката „Песни“, каде се свртува кон себе, кон својата интима.

Следуваат збирките: „Везилка“, циклусот „Стерна“, збирката раскази „Лозје“. Ги напишал и збирките песни: „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Цркви“, „Златоврв“, „Сеизмограф“, „Небесна река“ и „Црн овен“.

Конески беше почесен директор на неколку универзитети, а во негова чест, денес Филолошкиот факултет го носи името Блаже Конески.

Поетското творештво на Блаже Конески

Во првите песни на Блаже Конески среќаваме родољубиви мотиви како реакција на штотуку завршената Револуција.

Тие песни се блиски до народот, татковината е реален поим, татковината живее во него и во секој наш човек, тој ја гледа, ја разбира и ја прифаќа, ја оживува нејзината историја, традиција, бит и ги поттикнува родољубивите чувства.

Типична, во оваа смисла е антологиската песна „Тешкото“.

Во поемата составена од десет строфи од по осум стиха, поетот преку традиционалното оро Тешкото, ја искажал својата љубов кон татковината.

Песната започнува со растреперената душевна состојба на лирскиот субјект кога ќе ги слушне првите звуци на орото. Му навираат солзи, му „иде да плаче ко дете“, зашто тие звуци го потсетуваат на татковината и на нејзиното минато.

Во продолжение, со мирен, спокоен тон, како што започнува орото, поетот ја ткае својата песна. Старците први се фаќаат и го започнуваат орото со мирен и бавен чекор, но ’рзнувањето на тапанот го забрзува ритамот во кој се приклучуваат и младите кои го лулаат орото и ја завртуваат земјата.

Орото и неговиот народ се едно исто. Во орото е вткаена исконската сила на нашата земја, во него шумат реките, рика дивиот ветар, шепнат узреаните жита, во него е вткаена душата на народот.

Минатото, лирскиот субјект го споредува со синџир на робја, долговековното ропство е мрачно, ужасно и крваво. Но, народот поведува „бујно, бунтовничко оро“ што ќе доведе до посакуваната слобода. Песната завршува оптимистички, иднината е во посветли бои и трипати подобра од минатото.

Но, вториот дел на песната е рефлексивен и во него субјектот пее за својата младост и за минливоста на животот.