Познатиот филмски и театарски режисер Горан Марковиќ на 6 март ќе гостува во Македонскиот народен театар за изведбата на претставата „Говорна мана“. Тој е автор на текстот на оваа претстава чија премиера во МНТ, во режија на Драгана Милошевска-Попова, беше минатата година.

Марковиќ (Белград 1946) е филмски и театарски режисер, сценарист, есеист и писател, син на двајца познати актери, Оливера и Раде Марковиќ. Студирал на филмската академија ФАМУ во Прага, на отсек режија, каде завршил 1970 и почнал да работи на телевизиски документарни филмови.

Професор е по режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Режисер е на филмовите: „Специјално воспитување“ (1977), „Национална класа“ (1979), „Вариола вера“ (1982), „Тајванска канаста“ (1985), „Веќе видено“ (1987), „Тито и јас“ (1992), „Урнебесна трагедија“ (1995), „Србија, година нулта“ – документарен филм (2001), „Кордон“ (2002), „Турнеја“ (2008), „Фалсификатор“ (2012)…

Добитник е на повеќе од триесет награди за своето богато филмско и театарско творештво. Автор е на три книги: „Чешката школа не постои“, „Мали тајни“ и „Три приказни за самоубијците“, на краткиот роман „Тито и јас“ и дневничката проза „Една година“. Драмски автор е на „Мали тајни“, „Делириум тременс“, „Вила Сашино“, „Мајстори, мајстори“, „Говорна мана“.

„Говорна мана“ се занимава со проблемот на театарот и театарските луѓе, а преку театарот и со целото општество. Текстот е напишан и поставен првпат во Белград, во доцните 1990-ти. Текстот низ една трилер-ситуација на љубовен триаголник се занимава со врската меѓу политиката и уметноста, а и врските меѓу криминалот, бизнисот и политиката.

Приказната е раскажана преку ликовите: Мишел Радински (Игор Џамбазов), Петар (Ивица Димитријевиќ) и Славица (Сашка Димитровска). Покрај нив, на сцената се и Арна Шијак, Ана Стојановска и Билјана Јовановска.