Денес, тимот на Клиниката за гинекологија и акушерство изврши успешен хируршки зафат на голем тумор на матка кај пациентка со сериозно вродено срцево заболување.

Поради таквите околности интервенцијата кај 40 годишната пациентка беше неопходно да биде извршена на Клиниката за Државна Кардиохирургија.

Стручниот тим на Клиниката за гинекологија и акушерство предводен од проф.др.Марјан Стојовски и останатиот дел од тимот на специјалист Асс. Др. Даниел Милковски, Др. Милица Арсевска – лекар на специјализација, Доц.Др. Дафина Караџова – анестезиолог и инструментарка Дениза Хаџиќ уште еднаш ја докажаа пожртвуваноста и во вонредни услови на пандемија, во услови кога пациентот е загрозен со живот, исправени пред предизвик, координирано интердисциплинарно со своите колеги од другите клиники го направија максимумот да спасат уште еден млад човечки живот. Тимот од Клиниката за гинекологија и акушерство оваа сложена интервенција ја изведе во соработка со своите колеги од Клиниката за Државна кардиохирургија: интернист Др. Марија Геракаровска Радовиќ и анестезиолозите од државната кардиохирургија Др. Надица Мехмедовиќ и Др.Весна Миташова.

Имајќи предвид дека станува збор за сериозно срцево заболување кај пациентката постоеше голем ризик од воведување во анестезија и извршување на самата хируршка интервенција поради што на пациентката и беше потребен инвазивен хемодинамски мониторинг и интраоперативно трансезофагеална ехокардиографија како и континуирано следење на волуменскиот биланс.

По завршувањето на интервенцијата пациентката е во стабилна општа состојба.