Драги колеги новинари, сакам да ве предупредам дека изјавата на Каракачанов, која ја коментирав и јас, е дадена многу одамна, кога веројатно не бил ни министер туку „само“ политички шарлатан кој се обидува да ги импресинира бугарските гледачи (во што за жал и успеал).

Изјавата е многу грда, но многу СТАРА. Нејзиното објавување во овој момент е многу малициозно, од каде и да доаѓа. Јасно е дека сме во војна со лажни вести, па и со лажен пласман на вести, на кои секој може да наседне. Претходно дури и напишав коментар, поттикнат од чуствата што ги буди една ваква изјава на министер за одбрана, но сметам дека токму тоа била намерата на нејзините промотори, а таа намера не е чесна.

Убаво би било порталите што ја пласираа да ја тргнат, или барем да напишат дека е стара изјава, која повторно може да биде занимлива, но ја нема истата тежина и разорно дејствие. Така ќе покажеме дека не се точни бугарските тези дека во Македонија цвета говор на омраза кон Бугарија. Да бидеме коректни, а не тенденциозни. Изјавата на Каракачанов е грда, манипулирањето со неа е уште погрдо.

 

Пишува: Жарко Јорданоски