Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изјави дека изминува една година од владеењето на СДСМ и на виделина излегуваат лагите и манипулациите на Заев со кои ги излажа граѓаните во текот на изборната кампања.

– СДСМ ветуваше дека нивната влада веднаш ќе ги започне подготовките за укинување на партиципацијата за болничко лекување и тоа за сите здравствени осигуреници. Ветуваа и дека лекарите специјалисти ќе имаат плата од 100.000 денари, а и дека ќе ги зголемат платите на останатите здравствени работници. Сепак, од укинувањето на партиципацијата за болничко лекување нема ниту трага ниту глас, а лекарите специјалисти плата од 100.000 денари се уште ја чекаат, а се чини дека може само да сонуваат. СДСМ на матичните лекарите им ветуваше зголемена капитација, односно покачување на капитациониот бод на 90 денари. Им ветуваа покачување на капитацијата по пациент и на матичните стоматолози. Ветуваа стабилност на приватните здравствени установи во кои работат матичните лекари, односно парите од капитација да одат на сметка на здравствената ординација. Денеска се соочуваме со реалноста дека ништо на ова поле не е направено и дека последен пат владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година го покачи капитациониот бод на матичните лекари, рече Николов.

Тој додаде дека СДСМ ветуваше и надминување на проблемот на немање лекови на рецепт после 15. во месецот, а денес, како што рече Николов, сведоци сме дека лекови снемува веќе на 10. секој месец.

– Неисполнувањето на овие ветувања, за кои како што велеа дека веднаш ќе започнат со нивна реализација, само покажуваат дека тие не се грижат за граѓаните. Не се грижат за нивното здравје. А, ги манипулираат и здравствените работници. Сето ова само потврдува дека за Владата на СДСМ, лагите и манипулациите се основата на нивната политика, рече Николов.