Новото истражување открило дека во Арапското море има најголема “мртва зона” на светот. Мртвите зони се подрачја во морињата со осиромашен кислород, каде може да преживеат само мал број на организми.

Тие се појавуваат на длабочини од 200 до 800 метри, кога дотокот на хемикалии поттикнува раст на алги, што доведува до недостиг на кислород. Подрачје на мртва зона постои и во Оманскиот залив со децении, а последен пат бил истражуван во 90-тите години.

Неодамна научниците се вратиле во Оманскиот залив и откриле дека мртвата зона се проширила многу повеќе од тоа што се очекувало. Тие предупредуваат дека се загрижени за иднината на локалните рибари и екосистемот.

“Океаните се гушат”, се наведува во соопштението на авторот на истражувањето Бастиан Квест, морски биохемичар и истражувач од Универзитетот Ист Енгланд во Англија. “На сите риби, морски билки и други животни им е потребен кислород, поради што таму не можат повеќе да преживеат”.

Оманскиот залив, кој опфаќа 181.000 квадратни километри, ги спојува Арапското море со Персискиот залив. Пристапот на научниците во ова подрачје долго бил ограничен поради политичката нестабилност во регионот и заканите од пиратите.

Но, со помош на две нуркачки подморници, неодамна научниците можеле од безбедна далечина да ја истражат мртвата зона. Автономните подводни автомобили се движат бавно, мали се и лесни, и можат да патуваат илјадници километри и да се спуштат на длабочина до 1.000 метри.

Резултатите од истражувањето се поразувачки. Откриено е дека подрачјето осиромашено со кислород драматично се проширило.

Забрзаното губење на кислородот може делумно да се објасни со климатските промени, бидејќи топлите води во близина на површината на морињата го попречуваат задржувањето на циркулацијата на кислород. Арапското море е дом на многу видови на риби, вклучувајќи и неколку кои се прилагодени за пониски нивоа на кислород, се наведува во истражувањето.