Хаки Азири, прво загрозен сведок случајот „Монструм“, а потоа стана еден од обвинетите вели бил малтретиран и принуден од полицијата за да даде исказ каков што тие сакаат.

Тој според обвинението на денот на убиството со автомобил ги чекал извршителите кај Каначинички пат и ги однел дома.

Азири е во роднинска врска со четворица од другите обвинети, братучед е на првообвинетиот Алил Демири, како и на Африм и Агим Исмаиловиќ, а Фејзи Азири му е чичко.

 – Бев малтретиран уште од почеток. Кога ме приведуваа, излегов надвор видов како мојот татко лежи на земја, а во тоа време го тепаа мојот брат. Кога им реков да стане мојот татко пд земја, дојдоа и ме удрија со чизма со клоца во лице и ми рекоа да молчам. Таму каде ме однесоа бев испрашан за датумот 12 април. Во моментов кога ја дава изјавата, тогаш тие што ме испрашуваа почнаа да ми кажуваат дека не е така, дека јас сум го извршил убиството заедно со другите обвинети. Им реков дека немам врска со тој настан, почнаа да ме малтретираат и тепаат во полициската станица во Автокоманда и ми велеа дека сите од моето семејство се приведени, тие што не се, ќе бидат приведени, а некој од нив ќе убијат. Од станицата ме ставија во подрум и почнаа да ме малтретираат. Ме ставија во возило и ме однесоа во една зграда, не знам дали беше тајната служба или МВР, ме врзаа за стол со лисици. Почнаа да ми кажуваат дека нема да ме остават жив мене и семејството ако не признаам дека Алил Демири со неговите другари го извршил ова дело. Ме држеа таму додека не ме научија што да кажам пред истражниот судија – рече Азири во неговиот денешен исказ пред судот.

Тој кажа и дека го однеле во близина на Кочани, на планинско место во соба со решетки.

– Кој и да земат од присутните во оваа судница и да му направат тоа мене што ми го направија, не за ова туку ќе признае за се што ќе ми речат. Ми понудија друг идентитет и пари, ако треба и во Холандија ќе ме однесат, рекоа. Јас не прифатив, им кажав дека сакам да излезам пред судијата и да ме однесат во затвор бидејќи не сакам да седам во тоа место и им реков дека што сакаат тоа ќе кажам – вели обвинетиот.

Пред истражен судија тој бил изнесен двапати. А кога се откажал од статусот заштитен сведок и станал обвинет бил однесен во притвор, а шест месеци потоа, рече Азири, се појавил нов заштитен сведок.

Меѓутоа, покрај ваквото сведочење во судница се читаше и исказот во кој Азири пред истражен судија во 2012 признава. Потоа во судскиот процес што тогаш се водеше тој го повлече исказ бидејќи, како што рече тогаш и сега, го дал по присила.
Во тој исказ Азири кажува дека со возило опел омега ги чекал другите во близина на обиколницата и по убиството ги однел дома.

Тој пред судот рече дека не е сигурен, мо на дента на убиството веројатно ја садел неговата бавча како и секоја година во април.

Во моментов во судница се гледаат видео снимката од неговиот исказ пред истражен судија во 2011 година. По ова ќе се направи пауза бидејќи истата судница каде се одбива судењето од „Монструм“ ќе се соопшти и пресудата за Никола Груевски во врска со мерцедесот.

Потоа рочиштето ќе продолжи со распит на Хаки Азири од страна на СЈО од каде на денешното рочиште дојдоа дури четворица обвинители. За денеска е предвиден исказ и на последниот обвинет за масакрот кај Смилковако езеро, Сами Љута.