Одделот за криминалистичка полиција уште еднаш покажа дека работи стручно, одлучно и посветено во делот на борбата со дрога и оружје.

МВР во рамки на Заедничките акциски денови во ЈИЕ 2023, учествуваше во оперативна акција во рамки на Оперативниот акциски план за борба против недозволената трговија со оружје во рамки на EMPACT

Во рамки на Европската мултидисциплинарна платформа за борба против криминални закани (EMPACT), во периодот од 13 до 18.11.2023 се спроведоа Заеднички акциски денови во Југоисточна Европа – Joint Action Days Southeast Europe (JAD SEE) 2023.
Таа Оперативна акција е дел од Оперативниот акциски план за борба против недозволена трговија со оружје во рамки на EMPACT.

Оперативната акција има за цел поттикнување на поблиска соработка во борбата против недозволената трговија со оружје, недозволена трговија со дрога, криумчарење мигранти, трговија со луѓе, и криминални мрежи од висок ризик. Во Оперативната акција учествуваа 26 држави, агенции на ЕУ за спроведување на законот (Европол, Eurojust, Frontex) и меѓународни организации (Интерпол). Шпанија ги координираше оперативните активности, а Европол ја координираше размената на оперативни информации меѓу вклучените чинители.

За потребите на Заедничките акциски денови, Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во наведениот период беше домаќин на Заеднички координативен центар, во рамки на кој беа распоредени претставници од сите вклучени чинители. Центарот беше опремен согласно потребните технички стандарди, и во негови рамки беа ангажирани професионалци од различни јурисдикции, кои вршеа проверки во различни бази на податоци и разменуваа информации во реално време преку Платформата на Европол за безбедна размена на информации – SIENA. Во Центарот своја мобилна канцеларија имаше и Европол, кој распореди и свој специјалист, а се користеше и специјалната алатка за ваков вид операции – Globekeeper. Во оваа прилика директорот на Бирото за јавна безбедност, д-р Сашо Тасевски го посети Центарот при што посака успешна работа на вработените.

Паралелно со тоа, во вклучените држави се спроведуваа координирани мерки и активности, кои содржеа проверки на однапред утврдени гранични премини, претреси на различни локации, при што беа постигнати завидни резултати. За време на акцијата, надлежните служби ги остварија следните резултати:

• Извршени се вкупно 984 проверки, од кои 622 на селектирани лица, 345 возила, а извршени се и претреси на 17 објекти низ државата;
• Од областа на недозволена трговија со оружје пронајдени се 20 пушки, 6 пиштоли, како и по 1 револвер, гасен пиштол, карабин, 739 парчиња муниција, 5 рамки за пиштол, 23 патрони, разни делови и механизми за оружје (стопери, тригер и т.н.), футроли за пиштол, 176 куршуми за оружје;
• Откриена е работилница за оружје, со поголема количина оружје и муниција;
• Во с.Штрбово, ресенско, при претрес кај лице пронајдени се поголемо количество оружје и муниција;
• За време на акцијата лишени се од слобода се вкупно 23 лица, од кои 10 за недозволена трговија со оружје, 12 за дрога и 1 за криумчарење мигранти;
• Од областа на недозволена трговија со дрога, во неколку одделни случаи на подрачје на Струмица, Скопје и Гевгелија, пронајдени се 7 кг. марихуана, 545 таблети екстази, 120 гр. кокаин, 150 садници марихуана, 1 кг. амфетамин, масло од марихуана, кристален метадон, 4 тегли марихуана, дигитални ваги и друга опрема за дрога;
• Во содејство со грчката полиција за време на акцијата сузбиена е организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со марихуана, која делувала на меѓународно ниво и соработувала со државјани на Грција, која преку територијата на Република Северна Македонија се обидела да изврши транспорт на 85 кг. марихуана наменета за грчкиот наркопазар;
• На подрачје на Скопје беше откриена лабораторија за производство на канабис со 150 садници канабис;
• Во областа на криумчарење мигранти, во товарно возило управувано од грчки државјанин откриени се 6 илегални мигранти;
• Откриени се вкупно 120 мигранти од кои најголем број со потекло од Сирија;
• Со Европол и земјите учеснички во акцијата беа разменети 469 пораки.

Непосредно по завршување на Заедничките акциски денови, беше спроведена уште една полициска акција, со којa беше сузбиена организирана криминална група вмешана во вршење кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога и оружје, при што беше поднесена кривична пријава против 23 лица. Беа извршени претреси на повеќе локации, при што беа пронајдени и запленети ловна пушка, пиштол, муниција од различен калибар, кокаин и марихуана, девизи и денари, возила, мобилни телефони, компјутер, радио уреди, заштитен шлем и вага. Криминалната група, во периодот јануари- ноември 2023 година купувала, држела, пренесувала и посредувала во неовластена продажба на дрога. Исто така, групата нелегално набавувала, држела и продавала поголемо количество оружје и муниција.
Истовремено, во МВР во периодот 13-17.11.2023 г. беше воспоставен Координативен центар за оперативно сајбер патролирање, во рамки на кој беа распоредени претставници од Западен Балкан и Украина, поддржани од експерти од Шпанија, Франција и регионалната инцијатива – SEESAC.
Сајбер патролирањето беше фокусирано на следење и истражни активности на различни веб страници, форуми и продажни места на интернет, како и на апликации за размена на пораки, социјалните медиуми, како и криптирани платформи Telegram и Darknet. Оперативните активности беа насочени кон откривање на недозволена трговија со оружје и собирање дополнителни информации за идентификувани таргети. Онлајн истрагите беа насочени кон активности кои имаа за цел и поддршка на оперативните активности на терен.
За време на сајбер патролирањето, истражителите открија 120 цели (профили и/или поединци) поврзани со недозволена трговија со оружје, од кои 94 на апликации за размена на пораки, 11 на продажни места на интернет, 10 на други веб страници (clear web) и 5 Dark web.
Носител на оваа активност е Одделот за криминалистичка полиција – единица за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал.