Топлотниот бран, кој претходните три дена го погоди Пакистан, усмрти 65 лица во градот Карачи на  југот на земјата, а бројот на жртви би можел да се зголеми доколку температурите се задржат, соопштија официјални лица.

Жештината од 44 степени и повеќе го погоди тој дел од Пакистан, во време на рамазанските пости, кога повеќето муслимани не јадат и не пијат преку ден.

Фондацијата Еди, која се занимава со погребални услуги и итна помош, соопшти дека починале 65 лица од топлотен удар во градот Карачи, а повеќето жртви биле работници и со потекло од сиромашните квартови на градот.

– Тие работеа блиску грејачите и бојлерите во текстилната фабрика, информира фондацијата.

Се очекува до четврток температурата да биде околу 40 степени Целзиусови.

Пакистан во 2015 година го погоди топлотен удар, при што починаа најмалку 1.300 лица.