Општина Кисела Вода распиша оглас за доделување награди за најдобрите воспитувачи и негуватели од јавните детски градинки, како и за најдобрите наставници од општинските основни училишта на оваа територија. За оваа награда можат да аплицираат одделенски и предметни наставници кои се вработени во општинските основни училишта од Општина Кисела Вода, како и воспитувачи и негуватели, вработени во јавните детски градинки од Општина Кисела Вода.

Кандидатите за избор на најдобар воспитувач или негувател треба да исполнат повеќе услови и критериуми во поглед на резултатите од нивната воспитно-згрижувачка работа, активносите за лично и професионално учење и развој, како и примената на стекнатото знање во секојдневната работа со учениците и дечињата, одговорноста кон работата, успехот во соработката и комуникацијата со родителите, вработените и стручниот тим и слично. При изборот во предвид ќе се земат и мислењата од стручниот совет на градинката во која работат и родителите чии деца се директно вклучени во воспитно – образовниот и згрижувачкиот процес.

Кандидатите за најдобар одделенски и предметен наставник треба да имаат остварено одлични резултати во поглед на планирање, реализирање и организирање на наставата, да применуваат иновативни наставни методи, форми и техники, да поттикнуваат повисоки мисловни процеси, критичко мислење, анализа, решавање на проблеми кај ученици. Да учествуваат во подобрување на училишната структура, организација на работата и училишната клима, како и да креираат развојни политики во училиштето. При изборот во предвид ќе биде земено и мотивирањето, комуникацијата и оценувањето на постигнувањата на учениците и добиените потврди за менторство во последните 5 години на наградени ученици на општински, регионален, државен и меѓународен натпревар за предмети согласно наставните планови и програми за воспитно образовна дејност во основното образование, како и индивидуални награди на општински, регионални, државни и меѓународни натпревари.

Во поглед на критериумите и посебните услови, кандидатите треба да поседуваат сертификати за учество во реализација на проекти и семинари кои се од значење за воспитно образовниот, добиени во последните 5 години од акредитирани установи и институции, да се автори или коавтори на учебници, стручна литература и други написи. За кандидатите мислење за исполнување на општите услови и критериуми наведени во огласот ќе даде наставничкиот совет во училиштето во кое работат.

Наградите се парични. Ќе бидат наградени по еден предметен и одделенски наставник од секое општинско основно училиште, како и по еден негувател и еден воспитувач од сите 12 клонови на двете општински градинки во Општина Кисела Вода.

Барањата и изјавите со потребната документација потребно е да се доставуваат по пошта на адреса Општина Кисела Вода ул. “Петар Дeљан” бр.17.