На граничниот премин „Табановце“ денеска беа пуштени во употреба новизградените објекти на царинскиот терминал со што би требало да се намали задржувањето на возилата.

На настанот присуствуваше и премиерот Зоран Заев кој рече дека реконструираниот инфраструктурен капацитет на „Табановце“  е развиен според најмодерните и функционални стандарди за царинење и за олеснување на трговијата и контролата. Исто така, рече тој, денеска стартува со работа и интероперабилниот информатички систем на Царинската управа со царинските информатички системи на ЕУ.

„Со модерните инфраструктурни објекти за царинење и контрола за доброто на граѓаните, реализираме чекори од нашата стратешка цел за олеснување и забрзување на протокот на стока и патници, и тоа преку: подобрување на квалитетот на услугите и условите за работа на економските оператори и царинските службеници; намалување на задржувањето на возилата на граничните премини и одржување на систем свртен кон потребите на клиентите и негување на партнерски однос со деловната заедница“, рече Заев.

Тој појасни дека компјутерскиот транзитен систем претставува алатка за современо управување и контрола на транзитните процеси и постапки, со што се овозможува замена на писмената (хартиена) транзитна декларација со електронска форма на транзитна декларација.