„Дејли Меил“ вчера прв излезе со ексклузива дека легендарниот Сер Алекс Фергусон се разбудил од кома и дека е контактибилен со своите најблиски од семејството, а оваа убава вест ја израдува целата англиска јавност откако во претходните два дена сите се молеа за здравјето на неповторливиот менаџер на Манчестер Јунајтед.

Ферги во саботата претрпе мозочен удар поради кој истиот ден подлегна на комплицирана операција во болницата во Лондон, а ако вчера „Дејли меил“ обелодени дека Шкотлаѓанецот прво што побарал биле резултати за неговата здравствената состојба, сега угледниот таблоид „Сан“ пренесува една од првичните реакции на големиот борец кога станува збор за фудбалот.

Првото прашање на Фергусон на фудбалски план се однесувало за резултатот кој го остварил Донкастер, тимот кој го тренира неговиот син Дарен, а во истата вест на респектабилниот медиум уште се вели дека поранешниот тренер е навистина позитивно настроен и веќе почнал да се шегува во врска со својот напредок, така што на своето најблиско опкружување му пренел дека ќе се обиде да го гледа во живо во Киев големото финале во Лигата на шампионите меѓу Реал Мадрид и Ливерпул.