ВМРО ДПМНЕ имала три сметки, исплатувала пари за консултански услуги без фактури, а за новото партиско седиште води спор со фирмата која го градеше објектот – сето ова го открива Ревизорскиот Извештај за финансиското работење на партијата за 2016 година.

Од документите што ги добил на увид, Ревизорот констатира дека „не може да даде мислење за вистинитото и објективно прикажување на финансиките извешати на ВМРО ДПМНЕ за 2016 година кога партијата ја водеше Никола Груевски“ и изразува мислење со резерва за финанските трансакции со релевантаната законска регулатива.

ВМРО ДПМНЕ  со три сметки во 2016

Освен редовната сметка, партијата во декември 2016 година, склучила  Договор за кредит во висина од 3 милиони евра за што под хипотека ја ставила новата партиска зграда. Од овие пари, 1,5 милиони евра  префрлила на сметката на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори 2016, поради исполнување на договорот со коалиционите партнери. Според овој Договор „договорните страни се согласни во случај кога донациите и членарината нема да ги покријат преземените обврски за финансирање на изборната кампања 2016 година, истите ќе ги покрие носителот на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ“.

Другата сметка била за донации за жителите кои настрадаа во поплавите. Ревизорот констатира дека „постоење на повеќе од една жиро сметка не е во согласност со одредбите од Законот за финансирање на партии“.

Уметнички слики и консултански услуги без фактури

Ревизорот утврдил  дека биле исплатени 450 000 евра  врз основа на договори за превоз на лица и услуги за изработка и врамување на уметнички слики, но без доставени фактури од добавувачите.

„Ваквата состојба не е во согласност со член 10 од Законот за сметководството за непрофитните организации и член 13 од Правилникот за сметководството за непрофитните организации, согласно кои внесувањето на податоците во деловните книги мора да се заснова на веродостојни, целосни и уредни сметководствени документи, со што се докажуваат настанатите финансиски промени и влијае на можноста од потврдување на искажаните податоци во финансиските извештаи“ пишува во Ревизорскиот Извештај.

Во новото партиско седиште сега има 268 уметничка слика кои чинат 387 000 евра. Договорот со странското лице кој ги изработило уметничките слики, партијата го склучила во јануари, 2014 година и целиот пакет предвидувал да се изработат вкупно 287 оригинални слики за кои требало првично да се плати 310 000 евра. Поради неможноста на авторот да ги заврши сликите во предвидениот рок, кон крајот на 2016 година, се склучени и анекси на договорот.

„До моментот на вршење на ревизијата, не е се доставени фактури за испорачаните слики, иако  рокот е најдоцна пет работни дена од денот кога била извршена исплатата“ пишува Ревизорот.

За консултантски услуги бил склучен договор за  исплата од 200 илјади евра за два месеци од јануари до март 2016 година. На ревизијата и била презентирана фактура во износ од 123 000 евра за извршени услуги во април и мај 2016 година, која не е сметководствено евидентирана, поради тоа што опфаќа услуги за период кој не е во целост усогласен со периодот предвиден во склучениот договор, за што во тек се активности за проверка, потврдување и одобрување на фактурата за сметководствено евидентирање од страна на партијата.

Со странски консултант склучен е договор за вршење услуги во период од декември 2015 година до април 2016 година, согласно кој на ревизијата и биле презентирани фактури за извршени услуги во јануари и февруари 2016 година, во вкупен износ од 62 илјади евра, додека за останатиот период не се презентирани фактури, ниту е приложен допис за предвремено раскинување на договорот.

Договор за рекламирање до 2020

Во Извештајот, Ревизорот констатира и дека политичката партија со еден радиодифузер имала  склучено Договор за вршење рекламни услуги за период 2010-2019 година, во кој е уредено дека фактурирањето ќе се врши во две транши, односно на почетокот на 2016 и 2020 година, иако во член 31 и член 53 од Законот за данокот на додадена вредност радиодифузерот требало да издаде фактура на денот, а најдоцна во рок од пет работни дена од кога партијата била рекламирана во медиумот. Наведената состојба создава можност од ненавремено пресметување, пријавување и плаќање на ДДВ од страна на радиодифузерот.

Договорот со радиодифузерот бил склучен на 11.01.2010 со важност до 31.12.2019 година. Во периодот од 2013 до 2015 година склучени се три анекси кон основниот договор со кои се изменети првично договорените вредности на рекламните спотови и периодите на изготвување и доставување на фактурите за извршените услуги/емитување на рекламни спотови.

Постапувајќи согласно договорот радиодифузерот во 2016 година извршил фактурирање за извршените услуги/емитување на рекламни спотови за периодот 2010 – 2014 година и тоа во вкупен нето износ од 776 000 евра на кои пресметал ДДВ во износ од  140 илајди евра.

Во 2016 година договорот е предвремено раскинат од страна на ВМРО-ДПМНЕ, поради што радиодифузерот извршил фактурирање и за извршените услуги во 2015 година во нето износ од 264 илајди евра за кои е пресметан ДДВ во износ од 47 000 евра.

Детали за Договорот за изградба на партиската зграда

На  15 јануари 2013 година партијата склучила Договор за пренесување на право на градење на фирма, на градежното земјиште што е во сопственост и владение на ВМРО-ДПМНЕ а заради изградба на главниот штаб на партијата.

Врз основа на извршена проценка од страна на овластен проценител, е утврдена пазарната вредност на зградата во износ од 14 милиони евра и вредноста на градежното земјиште во износ од 500 000 евра. Проценката била направена, за да се утврди објективната вредност на објектот, но и поради тоа што доцнела конечната пресметка од Друштвото за градежништво.

Во Конечната пресметка што Друштвото за градежништво ја доставило во март 2017 година, вкупната вредност изнесува 6 милиони евра , во кој износ е содржана и вредноста на дополнителни работи по фактури од добавувачи за набавка на опрема и ситен инвентар во износ од 780 000 евра, додека истата не содржи вредност на градежно земјиште.

Со Записник за примопредавање, договорните страни ВМРО-ДПМНЕ и фирмата што ја градела партиската зграда потврдуваат дека првиот функционален дел кој припаѓа на партијата, целосно е завршен. Со извршениот прием и сметководствено евидентирање на објектот во партијата, извршен е прием и евидентирање и на опрема во износ од 700 000 евра и ситен инвентар во износ од  200 000 евра, отстапени без надомест од страна на Друштвото за градежништво, а за истите приложени се фактури од добавувачите доставени до Друштвото.

Во овој договор предвидено е конечната вредност на зградата заеднички да биде утврдена по завршување на Конечната пресметка, со која се опфаќаат вредноста на градежното земјиште, сите работи изведени врз основа на договорот, вклучувајќи ги и извршените непредвидени и дополнителни работи.

Во текот на ревизијата, партијата со допис се обратила до Друштвото за градежништво со барање за објаснување дали инвентарот  треба да добие третман на донација, а согласно Записникот за извршено примопредавање, но од таму им одговориле дека според  склучениот Договор за вградената опрема и ентериерното уредување и опремување се приложени фактури.

Ревизијата истакнува дека за оваа  состојба се води постапка пред надлежни органи, чиј конечен исход може да има влијание врз податоците искажани во финансиските извештаи.

Рекламно пано-дисплеј поставено веднаш пред партиската зграда чини 86 000 евра, но оваа сума ќе расте бидејќи при промена на проектот утврдени се дополнителни трошоци, пишува во Ревизорскиот извештај.

Ревизијата потенцира дека за дел од слабостите кои биле утврдени при финансикото работење на партијата постојат и „системски слабости, а за нивно надминување надлежни се други институции“.

Како слабости Ревизорот меѓу другото ги наведува начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината, непостоење на пречистени текстови на закони и неусогласеност на Упатството за распределба на буџетските пари за годишно финансирање на партиите со одредбите од Законот за финансирање на политичките партии.