Претставата „Партија реми“ од американскиот драмски автор Доналд Ли Кобурн, во режија на Виолета Џолева, премиерно се игра в петок во 20 часот во Драмски театар. Во претставата играат Ѓокица Лукаревски и Маја Вељковиќ – Пановска. Со оваа претстава, Лукаревски одбележува 40 години играње на сцена и со неа заминува во пензија.

Режисерката Џолева во 1985 го поставила во Сараево овој драмски текст на американскиот автор кој за него добил Пулицерова награда во 1978 година. Вељковиќ-Пановска и Лукаревски играат човек и жена во дом за стари лица кои преку играњето карти се запознаваат и си ги раскажуваат животите.

Џолева рече дека текстот е едноставен, но суптилен и со длабока филозофија за животот и порака дека секој ден ни носи ново делење на картите.

– „Партија реми“ е синоним за играта што сите ја играме во животот кога ќе ни се поделат картите. За некои тие се среќни и се чини се им оди наредено, иако не се вешти, а од друга страна има луѓе кои ги знаат сите техники како треба да се живее, но не добиваат наредени карти и е многу важно да се потрудат да најдат начин како да го направат ремито. Конфликтот меѓу едната и другата филозофија на живеење е ставен во домот за стари лица, кога двајцата ги поминале своите животи и ги анализираат грешките што ги направиле, а низ нивната приказна и гледачот во публиката може да размислува за својот живот – рече Џолева.

Сакала среќен крај и претставата завршува оптимистички – дозволувајќи им да си дадат уште една шанса, да заминат во живот, да го напушат домот.

Лукаревски рече му е драго што својата 40-годишна активна актерска кариера ја почнал и ја заокружува во Драмски театар и се надева и во иднина да работи на театарски проекти таму каде што ќе го поканат.

– За мене Драмски театар засекогаш ќе остане најдобриот во бившите и сегашните простори, без разлика на одредени кризи што ги преживува и кои, секако, ќе ги надмине. Можеби е тажен момент заминувањето од еден простор каде што сум креирал улоги и кој ми значел живот, но не – јас сум среќен што имам шанса да ги одбележам 40-те години работење – рече Лукаревски.