Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија, во месеците јануари и февруари 2018 година, до надлежните јавни обвинителства поднесе 11 кривични пријави против 4 правни и 10 физички лица поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Криумчарење“, „Фалсификување исправа“„ и „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

Две кривични пријави против две физички лица се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, од кои:

  • Една кривична пријава е поднесена до Основното Јавно Обвинителство Велес против лицето Е.П., грчки државјанин, кој на ден 28.01.2018 година со камион со грчки регистарски таблички се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица. Возилото било селектирано за детален преглед, при кој во товарот биле забележани 4 дрвени палети на кои биле сместени вкупно 95 полиетиленски вреќи, со поединечна маса од околу 20 килограми, кои требало да бидат наполнети со ориз со потекло од Камбоџа. При контрола на вреќите, било констатирано дека во 75 вреќи има сокриена уште по една алуминиумска вреќа, наполнета со марихуана со тежина од 309,6 килограми. Пријавениот е изведен пред судија на претходна постапка во Основниот Суд Велес кој му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
  • Една кривична пријава е поднесена до Основното Јавно Обвинителство Куманово против лицето Р.Б., бугарски државјанин, кој на ден 25.01.2018 година со автомобил со бугарски регистарски таблички се пријавил за излез од Република Македонија на граничниот премин Табановце. По извршен преглед на возилото, во специјално направен бункер биле пронајдени 71 пакетче наполнети со марихуана, со тежина од 17,7 килограми. Пријавениот е изведен пред судија на претходна постапка во Основниот Суд Куманово, кој му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

Криумчарење

Три кривични пријави се поднесени против три физички лица поради сомневање за сторено кривично дело „Криумчарење“, од кои:

  • Една кривична пријава, до Основното Јавно Обвинителство Гевгелија, е поднесена против лицето Р. С., турски државјанин, кој на 3.01.2018 година, како возач на автобус со турски регистарски ознаки, се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица. При извршен преглед на автобусот од страна на царинските службеници, во просторот наменет за багаж на возачот, биле пронајдени непријавени поголем број на хартиени кесички наполнети со семенски материјал (семиња за домати, краставици, диња и црвена пиперка), со вкупна вредност од 991.500,00 денари. На ваков начин осомничениот избегнувајќи ја царинската контрола пренел непријавена стока од поголема вредност.

Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во Основниот Суд Гевгелија, каде е донесена пресуда врз основа на предлог – спогодба со која е осуден за виновен и му е изречена парична казна, како и споредна казна протерување на странец од земјата во траење од 2 години.

  • Една кривична пријава, до Основното Јавно Обвинителство Куманово, е поднесена против лицето Т. М., македонски државјанин, кој на ден 31.01.2018 година, како сопатник во патничко возило со италијански регистарски ознаки се пријавил на влез во Република Македонија, на граничниот премин Табановце автопат. При извршен личен претрес на осомничениот, во предните џебови од јакната која ја носел на себе, завиткани и врзани во чорапи, биле пронајдени непријавен употребуван златен накит од различни видови и димензии, две лири и употребуван рачен часовник ROLEX-TUDOR, со вкупна вредност од 29.000,00евра. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во ОС Куманово каде му е изречена мерка претпазливост – одземање на патна исправа.
  • Една кривична пријава, до ОЈО Гевгелија, е поднесена против осомничениот Ц.Ј., македонски државјанин, кој на 13.02.2018 година, како возач на товарно возило со македонски регистарски ознаки се пријавил на излез од Република Македонија на граничниот премин Богородица. Кога пристигнал на граничниот премин осомничениот го пријавил возилото како празно, но при преглед на контејнерот натоварен на приколката од возилото, во преправен и преграден дел, царинските инспектори пронајдоа вкупно 350 пакети со замрзнат пилешки стек со потекло од Бразил, со вкупна вредност од 337.881,00 денари. На ваков начин осомничениот избегнувајќи ја царинската контрола, се обидел да пренесе непријавена стока од поголема вредност. Стоката предмет на кривичното дело, како и транспортните средства кои биле користени за пренесување на криумчарената стока, се привремено одземени со потврда за привремено одземени предмети без наредба.

Фалсификување исправа

Три кривични пријави се поднесени против три правни лица и четири физички лица поради сомневање за сторено кривично дело „Фалсификување исправа“, од кои:

  • Една кривична пријава до Основното Јавно Обвинителство Гевгелија е поднесена против правно лице од Скопје и физичките лица Б.Ј. и В.П., двајцата македонски државјани, кои на ден 19.01.2018 година при влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица, превезувајќи стока со товарно возило со македонски регистарски ознаки, на царинските службеници им дале на увид Уверение за одобрување на патно возило за транспорт на стока под царинска пломба, во кое царинските службеници забележале исправка на датумот на важноста, односно забележале дека со коректор и пенкало биле преправени датумот на издавање и важноста на уверението. Како датум на издавање бил впишан датумот 10.02.2018 година, а како датум до кога важи уверението бил впишан датумот 20.02.2020 година. При извршениот увид во апликацијата каде се внесуваат податоците за издавање и рок на важење на уверенијата, било констатирано дека рокот на важење на уверението е до 20.02.2016 година.
  • По една кривична пријава е поднесена до Основното Јавно Обвинителство Охрид и до Основното Јавно Обвинителство Скопје, против две правни лица, едното со седиште во село Злести Белчишта, а другото со седиште во Скопје и нивните одговорни лица М. Ј. од село Злести Белчишта и С. Ј. од Скопје.

Во првиот случај, на ден 24.11.2016 година, во царинската испостава Охрид, за потребите на пријавеното правно лице од село Злести Белчишта, со една увозна декларација увозно се царинети употребувани метални сталажи и употребувани електрични табли, со потекло од Сојузна Република Германија.

Во вториот случај, на ден 29.09.2017 година, во царинската испостава Скопје 3, за потребите на пријавеното правно лице од Скопје, со една увозна декларација е увозно царинето употребувано патничко моторно возило, марка Фолксваген Шаран 2.0 D со потекло исто така од Сојузна Република Германија.

Двајцата увозници во моментот на увоз презентирале изјави за преференцијално потекло на производите кои се предмет на увоз и на двајцата увозници им бил одобрен преференцијален тарифен третман, при што производите се царинети со царинска стапка слободно. Поради сомневање во веродостојната на презентираните докази за преференцијално потекло, Царинската управа побара дополнителна проверка кај странскиот царински орган, од каде е добиен одговор дека извозниците на производите не ги издале ниту пак ги потпишале предметните изјави за потекло во наведените фактури. На ваков начин пријавените правни лица и нивните одговорни лица во царинска постапка на увоз лажните докази за потекло ги употребиле како вистински, со што го сториле кривично дело за кое се осомничени.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

  • До Основното Јавно Обвинителство Скопје се поднесени 3 кривични пријави против правно лице од Тетово и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Тетово, поради постоење на основано сомнение дека, во три одвоени случаи, сториле кривично дело повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, односно неовластено увезле производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи.

Во првиот случај, на 06.10.2017 година, во царинската испостава Скопје 1, за потребите на пријавеното правно лице, со една увозна царинска декларација била пријавена стока со потекло од Република Турција. По извршениот преглед на декларираната стока, царинските службеници откриле 826 парчиња облека (блузи, пижами, кошули, фармерки, долни тренерки и комплети тренерки за деца и возрасни) со ознаки на заштитени трговски марки. Поради основано сомневање дека со наведената стока се повредуваат правата од интелектуална сопственост, Царинската управа привремено ја задржа предметната стока и поведе постапка за утврдување на нејзината оригиналност. По увидот на стоката, застапниците на заштитените трговски марки ја известија Царинската управа дека имаат добиено потврда од носителите на правото на индустриска сопственост дека дел од задржаните производи, односно 117 парчиња облека се фалсификати.

Во вториот случај, на 12.10.2017 година, во царинската испостава Скопје 1, за потребите на пријавеното правно лице, со една увозна царинска декларација била пријавена стока со потекло од Република Турција. По извршениот преглед на декларираната стока, царинските службеници откриле 95 парчиња облека (кошули и блузи) со ознаки на заштитени трговски марки.

Во третиот случај, на 04.12.2017 година, во царинската испостава Скопје 4, за потребите на пријавеното правно лице, со една увозна царинска декларација била пријавена стока со потекло од Република Турција. По извршениот преглед на декларираната стока, царинските службеници откриле 329 парчиња облека (блузи, дуксери, џемпери, комплети тренерки, капи и шалови), со ознаки на заштитени трговски марки.

Поради основано сомневање дека со горе наведената стока се повредуваат права од интелектуална сопственост, Царинската управа привремено ја задржа стоката и поведе постапка за утврдување на нејзината оригиналност. По увидот, застапниците на заштитените трговски марки ја известија Царинската управа дека имаат добиено потврда од носителите на правото на индустриска сопственост дека задржаните предмети се фалсификати.