Словенечкиот премиер Миро Церар доцна синоќа поснесе оставка на функцијата, само неколку часа откако Врховниот суд на Словенија го поништи референдумот на кој гласачите со тесно мнозинство го одобрија проектот за изградба на железничка пруга вреден една милијрда евра и побара одржување нов плебисцит.

– Силите од минатото не ни дозволуваат да работиме во интерес на идните поколенија, изјави Церар на прес-конференција во Љубљана на која ја објави својата оставка.

Тој нагласи дека одлуката на Судот била последната „капка што ја прелеала чашата“ и затоа „ја враќа власта во рацете на народот“.

Церар најави и дека ќе остана на премиерската функција до изборот на нова влада.

Редовниот термин за одрживање парламентарни избори во Словенија е јуни годинава, но оставката на Церар може да доведе до организирање предвремени избори.

Словенечкиот Врховен суд вчера го поништи референдумот од септември минатата година на кој 53,5 отсто од гласачите го поддржаа предлогот за изградба на 27 километри долга пруга меѓу градот Дивача и јадранското пристаниште во Копер.

Лидерот на граѓанската организација Даночните обврзници не се откажуваат, Вили Ковачич поднесе барање до Судот за поништување на референдумот, со образложение дека Владата одобрила 95.000 евра буџетски средства за поддршка на референдумската кампања.

– Владината кампања беше недозволено еднострана, оцени Судот и нареди Државната изборна комисија да одреди нов датум за референдум.

Ковачич и неговата организација сметаат дека железничката линија е исклучително скап проект и повика на отфрлање на предлогот.

Владата на Словенија досега доби 44,3 милиони евра од ЕУ за подготовка на изградбата, а соседна Унгарија најави инвестирање на околу 200 милиони евра во тој проект.