Здружението за здраво, достоинствено и возвишено живеење „Преродба” заедно со уште неколку граѓански здруженија денеска ќе протестираат пред зградата на Македонската академија на науките и уметностите за поништување на спогодбата од Преспа.
Денеска во МАНУ ќе се одржи научна расправа на тема „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евроатлантските интеграции на Република Македонија“.
Во најавата на протестот организаторите наведуваат дека бараат „мораториум на едностраното политикантско решавање на македонските прашања”.
„Наместо да ја бранат спогодбата, МАНУ и академиците да ја заштитуваат и да ја афирмираат автентичната македонска наука, уметност, творештво, вредности и придобивки, кои се поништуваат со срамната спогодба од Преспа и да ги заштитат името на Република Македонија, македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. Затоа, на МАНУ и на другите институции ќе им биде доставена декларацијата на македонскиот народ за неговите црвени линии и стратегија за зачувување на името на Република Македонија и на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура”, се вели во најавата на протестот.
Организаторите наведуваат дека се работи за мирољубив собир и апелираат до граѓаните своето право да го изразат достоинствено.
Организаторите на МАНУ и на другите институции ќе им ја достават Декларацијата на македонскиот народ за неговите црвени линии и стратегија за зачувување на името на Република Македонија и на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура.
Во Декларацијата се бара изгласување на недоверба на која било извршна, законодавна и судска власт која нема да ги почитува црвените линии и стратегијата дефинирани во оваа Декларација; „класна акција“ против сите влади, организации, сојузи, ентитети или поединци, кои ќе ја нарушат волјата на македонскиот народ и неговите права и интереси, наведени во оваа Декларација; основ за референдум, односно предлог поднесен од најмалку 150.000 избирачи, согласно член 73 од Уставот на Република Македонија, а кој Собранието е должно да го почитува како изразување на гласот на народот преку своерачните потписи во прилог на оваа Декларација; македонскиот народ се залага за зачувување на уставното име на неговата држава, Република Македонија, како и за зачувување на македонскиот етнички и национален идентитет, македонскиот јазик, и историјата македонскиот народ и неговата култура – без оглед на какви било внатрешни или надворешни случувања, влијанија, интереси, или определби, и без оглед на било какви внатрешни, билатерални, регионални, или меѓународни закони и/или договори. Името, јазикот, идентитетот, историјата и културата на Македонскиот народ се составен дел од правото на македонскиот народ за самоопределување, кое е највисокото право на еден народ во денешното меѓународно политичко општество, и кое го сочинува членот 1 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, пишува во Декларацијата.