Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје го изработи првот македонски фонт наменет за лицата со дислексија (линк за преземање). DyslexicFZF е дело на тимот составен од: Војислав Саракински, Ласко Џуровски, Маја Филиповска и Aлександра Каровска-Ристовска.

Со ова треба да им се помогне на лицата со оваа попреченост. Фонтот е достапен речиси еден месец и може бесплатно да се преземе од интернет страницата на Филозофскиот факултет, или од линкот погоре.

„Тоа е првиот кирилски фонт за дислексија воопшто направен. Во процесот на креирање беа игнорирани сите основни типографски правила и стандарди. Како насоки беа земени читливоста и специфичните карактеристики на дислексијата. Во овој фонт секоја буква е уникатно оформена, со цел да се избегнат најчестите грешки при читањето кај лицата со дислексија“, вели Александра Каровска-Ристовска дел од тимот зад фонтот, за Деца.мк.

Дислексија е попреченост во читањето. Се верува дека ја предизвикуваат генетски фактори, но и животната средина. За жал, не постои лек, туку само се прилагодуваат различните активности. На пример, за читaње се користат различни книги со специјални фонтови или повеќе бои на редовите. Болеста не влијае на интелигенцијата на луѓето, туку на можностите за процесирање на говорот или на визуелно процесирање.

Фонтовите како овој овозможуваат значителна поголема читливост на текстот за лицата кои страдаат од дислексија. Фонтот може да се интегрира и на веб-сајтовите, за истите да бидат подостапни за сите граѓани.

Најверојатно ова можеше и требаше да се направи многу порано. Инвестицијата е мала, а може значително ќе помогне на една група луѓе. Помеѓу познати личности кои страдале од дислексија се и Стив Џобс, Алберт Ајнштајн, Стивен Спилберг.