Македонскиот ракометен шампион ЖРК Вардар овој викенд го игра реванш-мечот од четвртфиналето од женската Лигата на шампионите, против дански Митјиланд.
За девојките на Ирина Дибирова овој натпревар ќе им биде последен пред домашната публика, не само оваа сезона, туку и во нивните кариери, па затоа капитенот Јованка Радичевиќ полна со емоции посакува полна сала и среќен крај на прекрасната приказна во „Јане Сандански“.
„Дојде и тој момент да го одиграме последниот меч за Вардар во СЦ „Јане Сандански” во овој состав. Верувам дека публиката ќе ги исполни трибините и дека ќе имаме голема поддршка на оваа средба. Сакаме на Ф4 турнирот за да го направиме оној чекор напред. Сакаме со победа да се збогуваме со натпреварите во Лигата на шампионите. Со оглед на тоа што Вардар има победа против Митјиланд сите очекуваат и на овој дуел да има победа за Вардар, а особено поради тоа што ова е последен меч во ваков состав во Скопје. Свесни сме и за тоа дека нема да биде воопшто лесно. Веруваме дека ќе можеме со победа да се најдеме на фајнл-фор турнирот. Сигурно ќе има многу емоции, но мораме да го дадеме максимумот за да дојдеме до посакуваното учество во Будимпешта. Сепак, би сакала да играме на овој дуел пред полни трибини и да уживаме”, вели Црногорката.
На првиот меч во Данска, вардарки славеа минимална победа од 23-24, а историскиот меч во СЦ „Јане Сандански“ ќе го одиграат в сабота со почеток од 17.00 часот.