Родителите, наставничките, па дури и негувателките во градинките се жалат дека во училиштата се јавуваат групи деца што се исмеваат и со потценување гледаат на оние што немаат брендирана облека, модерни обувки, немаат мобилни телефони, а нивните родители не возат луксузни автомобили.

Поради тоа децата што не потекнуваат од богати семејства се чувствуваат непријатно и им префрлаат на родителите за сето тоа што не успеале да им го овозможат.

-“Ние имаме нов автомобил, многу поубав од вашиот. Голем е, многу убав и многу скап”, ова беше само една од речениците која што ме запрепасти и тоа од дете на четири години, вели негувателка во градинка.

-“Какви ти се тие патики, нема на нив знакче од најк, види моите колку се убави, само внимавај да не ме згазнеш, скапи ми се”…

-“Ние бевме летово на одмор и тоа многу далеку, патуваме дури до авион. Знам, не можеш да замислиш, како изгледа тоа”…

Стручните лица, во последно време особено многу реагираат во поглед на оваа тема, за материјалноста и разликата помеѓу децата, секако обвинувајќи ги претежно родителите.

– Ако детето расте во семејство во кое многу значење им се придава на предметите што се купуваат, како што се облека, телевизори, телефони, автомобили и слично, ако слуша како родителите постојано зборуваат за пари и гледа како ги вреднуваат луѓето врз основа на тоа колку се богати, тогаш и детето ќе стане такво – сметаат тие.

Често пати знае да се случи, родителите кои имаат повеќе финансии, да му забранат на своето дете да се дружи со деца кои не се на исто ниво.

-Се случи еднаш, девојче од одделението, чии родители се обични работници, да почести со чоколатца за роденден, а едно од децата кое е побогато, сакаше да одбие да земе, со изговор, да не се трошите, секако немате, вели една наставничка.

Омаловажувањето како начин на однесување на децата со своите врсници, најчесто е одраз на однесувањето на родителите меѓу себе, со нивните деца или други луѓе.

Негувателките во градинките велат дека особено алармантна е состојбата и кај нив, бидејќи тие се уште се многу мали, а работите почнуваат да ги гледаат материјално.