Додека Талат Џафери даваше изјава, ние новинарите гледавме на телевизорот што беше пуштен во прес-салата што се случува надвор. Гледавме дека почнаа да влегуваат во Собранието, меѓу себе новинарите почнавме да се си довикуваме видете што се случува…

Ова е дел од сведочењето на новинарка која на крвавиот четврток беше во Собранието, а денес сведочи на рочиштето за обид за убиство на Зијадин Села.

– Навлезе толпа разгневени луѓе, меѓу нив и такви со црни качулки. Буквално се втурнаа накај пратениците, Зоран Заев и сите околу него…. маваа со се што стигнаа, фотелји, јарболи од знамиња. Првичната цел им беа Заев, Џафери и според мој впечаток Села – раскажа новинарката.

 И таа, како и претходниот сведок, ги препозна дел од обвинетите. Како еден од оние кои се однесувале најнасилно таа го посочи Кире Ѓоргиевски.

– Се сеќавам на неколку лица, особено на еден кој беше најкрвнички расположен. Го шутираше и го газеше – рече новинарката.

Таа раскажа дека кога Села веќе не бил во групата со другите пратеници почнале да го удираат со боксовии тупаници, тој се клател. Во еден момент, тој паднал на колена по што продолжило тепањето на Села.

-Се створи обрач околу паднатиот Зијадин Села. Сите удираа со што ќе стигнат, со клоци, беше паднат, буквално го шутираа – рече сведокот.

Иако главна цел биле пратениците, навреди рече новинарката добивале и тие, особено оние кои се вработени во телевизија бидејќи ги препознале.

– Забележав и двајца мои соседи. Едниот тргна кон мене да ме нападне и ми рече : Ајде сега зборувај против нас, а другиот ми рече бегај од тука ќе биде гадно – раскажа новинарската.

И таа во судница се присети на заканите кои ги добивал Села, како што се „Ќе те убиеме куче шиптарско“.