Светскиот ден на безбедноста и здравјето при работа – 28 април, го одбележуваме во услови на глобална здравствена криза предизвикана од пандемијата на новиот коронавирус COVID-19. Во ова, за сите нас мошне тешко и комплицирано време кога се соочуваме со сериозна опасност по нашето здравје и живот, како кај нас така и буквално низ целиот свет, владите во сите држави, работниците и работодавачите се изложени пред огромни и неочекувани предизвици, обидувајќи се на најсоодветен начин да се заштитат и да се справат со заканата од ширењето на вирусот и последиците од заболувањето. Заштитата на здравјето на работниците и на населението во целост, во овој период е нашиот врвен и главен заеднички приоритет.
И токму во ова време на пандемија на COVID-19, преземањето на соодветни мерки во областа на безбедноста и здравјето при работа (БЗР) има можеби и една од најважните улоги во превенцијата и спречувањето на ширењето на заразата, а со самото тоа и во заштитата на здравјето на работниците и воопшто, на целата популација.
Во оваа насока и во овој контекст е и овогодинешното одбележување на Светскиот ден на БЗР во координација на Меѓународната организација на трудот (МОТ), кое е посветено на справувањето со ширење на заразни болести на работното место, фокусирајќи се пред сè на пандемијата на COVID-19, и се одбележува под слоганот „Да ја запреме пандемијата: Безбедноста и здравјето при работа можат да спасат животи!“
Сега, повеќе од кога било, е исклучително важно да ги имаме предвид значењето и улогата на преземањето и почитувањето на мерките за безбедност и здравје при работа и постојано да ја подигнуваме на што повисоко ниво свеста за неопходноста од соодветни превентивни мерки, процедури и практики насочени кон поголема безбедност на работните места и заштита на здравјето на работниците. При тоа, имајќи предвид дека најважно за постигнување на успех во напорите за справување со пандемијата на коронавирусот, е заедничкото делување и активната вклученост и меѓусебна соработка на сите субјекти – на Владата и државните институции, работодавачите, работниците, научните институции, стручните здруженија… Во оваа насока е и делувањето на Советот за безбедност и здравје при работа со неодамна објавените препораки за справување со кризата од зараза со новиот коронавирус COVID-19.
Одбележувајќи го 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа, им оддаваме почит на сите работници кои ги изгубиле своите животи или се стекнале со инвалидност во несреќи на работните места или како резултат на повреди и болести поврзани со работата. Но истовремено, ова е и уште една можност сите чинители во областа на БЗР да размислуваме за тоа како со наши активности и залагања можеме да придонесеме кон подобрување на безбедноста на работните места и заштитата на здравјето на работниците.
Сите ние, целокупното население, сите работници, работодавачи, бизниси, сектори итн., сме на различни начини силно погодени од оваа неочекувана сосотојба на здравствена криза, како и од неопходните мерки кои се превземат за спречување на ширењето на заразата (затворени бизниси, намалени или нарушени деловни процеси, рестрикции во движењето и патувањето, затворени образовни и културни институции и други мерки кои имаат директно и драстично влијание врз работниците и претпријатијата).
Треба да имаме предвид дека во овој период постојат и категории на работници кои се соочуваат со значително зголемени ризици од пренесување и ширење на заразата со коронавирусот, поради тоа што се наоѓаат во првите редови на одговор на пандемијата, како што се здравствените работници, вработените во маркетите, работниците кои работат на обезбедувањето на комунални и други суштествени услуги, работниците кои работат на места со зголемена концентрација на луѓе, полицијата и војската, инспекторите, лицата кои работат на места каде има зголемена концентрација и употреба на хемиски супстанци итн. Мерките за контрола на ризиците е неопходно да се прилагодат на потребите на овие работници и на овие специфични работни места.
Особено е важно сите работодавачи да ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на здравјето на вработените на работните места и превенција од пренесување на заразата, особено во услови кога се очекува постепено да се релаксираат мерките и забраните донесени од Владата и надлежните органи за заштита и превенција од коронавирусот и повторното отпочнување на деловните активности и процеси. Исклучително е важно менаџирањето со ризиците да се прави на начин без да се загрозува постигнатиот напредок во ограничувањето на заразата и ширењето на вирусот.