Северна Кореја прифати да ги уништи интерконтиненталните балистички проектили и за прв пат да им овозможи на инспекторите пристап до нејзините нуклеарни резерви, пренесуваат јапонските медиуми.

Според овие извори, група на експерти за нуклеарно вооружување минатиот месец пристигнале во седумдневна посета на Северна Кореја.

Разговорите со експертите во Северна Кореја резултирале со согласност Пјонгјанг да го уништи својот арсенал на интерконтинентални балистички проектили, иако рокот за тоа се уште не е одреден, како и тоа што ќе добие Пјонгјанг за возврат.

Преговорите се одржани пред состанокот помеѓу претседателот на САД, Доналд Трамп, и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, кој би требало да биде одржан во наредните седмици, а се очекува на тој состанок доминантна тема да биде тотална денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

Трамп нешто порано на својот Twitter профил напиша дека е возможно ослободување на тројца заложници од Северна Кореја, кои моментално се наоѓаат во САД, откако медиумите соопштија дека од логорот во Северна Кореја се пуштени три лица со двојно државјанство, и американско и севернокорејско.

Ким кон крајот на април одржа историски состанок со претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин. Ким и Мун за време на тој состанок потпишаа Декларација за мир, просперитет и единство.

Лидерите на двете Кореи се согласија за денуклеаризација на Корејскиот полуостров и одржување на разговори, за и формално да се заврши Корејската војна.