Словенија одлучи да воведе пристап до интернет во секое село во државата, со што стана шестата европска земја што го воведува ова право.

Секое село во Словенија ќе добие право на приклучок до широкопојасен интернет со минимална брзина на пренос на податоци од 10 мегабити во секунда, а правото ќе почне да се остварува до крајот на јуни оваа година, објави во вторникот словенската државна Агенција за телекомуникациски услуги.

Правото за приклучување на широкопојасниот интернет првпат ќе биде вклучено на листата со „универзални“ комуникациски услуги кои мора да бидат достапни за секој краен корисник.

Универзалната комуникациска услуга претставува минимална кошница на комуникациски услуги која мора да биде достапна за сите корисници во секој дел од земјата, а моментално е врз база на договор кој трае до крајот на идната година, а го реализира државната компанија „Телеком Словенија“.