Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Снежана Ангелковска Трајковска.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Снежана Ангелковска Трајковска: Ако зборуваме за приватниот момент, тоа е родителството, секако. Мајчинството му дава сосема поинаква, квалитативна, смисла на животот. Ако говориме за професионалниот, интелектуалниот аспект, бездруго тука ќе го споменам моето активно влегување во политиката, кое што го направив уште во сега веќе далечината 1998 година. Политичкиот ангажман, кој во мојата кариера секогаш како фокус ги имал социјалата, рамноправноста на контрибуциата на жената во политиката, еднаквите можности, локалните аспекти – како базичен придонес во националните политики и слично, сето ова за мене беа и се алатки за креирање подобро општество.

Морам да признаам дека политичиот ангажман ми го смени начинот на живот, ми ја смени перцепцијата за начинот на кој што поединецот може да се бори за заедницата. Од друга страна, ме направи и похрабра и многу поодлучна во секој сегмент од животот. Горда сум на овој мој чекор, а стекнатото искуството навистина е вредно животно богатство.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е најпотребно на жените во Македонија?

Снежана Ангелковска Трајковска: Она што отсекогаш сум го потенцирала – да добијат шанса! Зарем е тоа многу? Не сум сега јас некоја закоравена и тврдокорна феминистка, но искрено верувам во креирањето на еднакво општетство за сите, тука, мешу останатото, мислејќи и на половата политика. А, во македонската политика, како и во општетството, генерално, сме виделе дека – тука ќе го употребам стереотипот – имало жени како мажи, но и дека имало мажи како жени!

Грамотноста на личниот и професионалниот капацитет и интегритет не зависи од тоа дали некој е жена или маж. Така што сметам дека македонската жена, едноставно, бара само шанса. Од личен агол, сведочам дека кај ниту една жена од моето опкружување не недостасува самодоверба, храброст, одлучност и одважност. Тоа е запишано во генот на македонската жена: столб на семејството, мајка, борец, стоик, напластена генерациска и генетска мудрост… Затоа сметам дека секоја жена заслужува шанса. А, за жал, шансите некако се проретчуваат.

Целосното интервју можете да го прочитате на Еднакви.мк