Военото крило на Хамас, бригадата Изадин Ал-Касам, денеска соопшти дека истрелале ракетен оган кон Тел Авив, а во попладневните часови низ централен Израел се огласија сирени за предупредување против проектили.

Бомбардирањето на Тел Авив е „одговор на масакрите врз цивили од страна на ционистите“, соопшти военото крило на Хамас, алудирајќи на израелските воени операции во Појасот Газа.

Новинарите во Тел Авив и Ерусалим слушнаа далечни експлозии, а во Кан Јунис видоа како ракети се истрелани од тој град на југот на Појасот Газа, објави Си-ен-ен.

Повеќето сирени денеска се слушнаа јужно и источно од Тел Авив, а израелските служби за итни случаи соопштија дека нема моментални извештаи за можни жртви од ракетниот напад истрелан денеска кон централен Израел.