На денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје на која треба да се гласа дали ќе се одобрат дополнителни средства за поддршка на Јавното сообраќајно претпријатие, не изостанаа политичките препукувања кои немаа врска со основната и единствена точка на дневниот ред.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, по подолго време реши да присуствува на седницата, а токму затоа се почна и со еден час задоцнување. Арсовска е предлагач и иницијатор на оваа вонредна седница, затоа што без пари, на Скопје му се заканува уште еднаш да остане без јавен превоз.

Но, откако таа излезе на говорница ги прозва советниците од ВМРО-ДПМНЕ дека токму тие се виновни што поголемиот дел од проектите не се завршени.

– Вие сте власт во Град Скопје, вие сте причината зошто најголем дел од проектите не се реализирани. Јас како еден човек не можам да направам сѐ сама, затоа што вие сѐ блокирате – порача Арсовска.

Советниците ги нарече „мицковисти“, односно ги обвини дека чекаат повик од лидерот на партијата Христијан Мицкоски кој им кажува да излезат од седница или да не гласаат по одделни точки.

– Тој „мицковизмот“ е рак рана на македонското општество. Како не сте власт? Имате 500 претставници во надзорни, управни и училишни одбори. Ако не сте власт кажете им на членовите на управни и надзорни одбори да се повлечат и распишете конкурс каде ќе се јават независни членови – порача Арсовска, откако претходно советник од ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека без разлика што имаат најбројна советничка група во Градот, тие не се власт.

Арсовска порача дека токму ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа програмата „За модерно Скопје“, но дека се работи сѐ за да не се спроведат проектите од програмата, како и они проекти кои биле претходно почнати, а се од интерес на граѓаните.

– Како сакате во исто време и да нема приватен превоз и да има автобуси. Или е едното или е другото? Како сакате 220 автобуси кои што некој ги спроведува во јавниот превоз, а треба да се заменат со нови 250, за кои што не гласате, да се заменат кога се непостоечки? Секој еден „мицковист“ ги ветуваше овие работи и одеше со мене заедно од врата на врата. Јас сликите со Мицкоски ќе ги вадам лично, да видат дека тој ги ветувал овие работи. Шпицниот градоначалник отвора чешми место да отвора капитални проекти – рече Арсовска.

Градоначалничката обелодени дека претходен директор поставил 900 административци во ЈСП Скопје. Им порача на советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ дека не се опозиција во градот и дека имаат свој претседавач на Советот.

Претседателот на Советот Трајко Славески, рече дека до тогаш во Советот имале работна атмосфера, „не се согласуваме, но имамевме работна атмосфера“, а дека градоначалничката ја „отрула“ дискусијата со политика.

– Имавме работна атмосфера, вие отрувте со политика, подобро да не дојдевте – и порача Славески на Арсовска и даде пауза од половина час.