Најмалку пет лица умреа до сега на југот на Индија од малку познатиот вирус Нипах, додека околу 100 луѓе се во карантин, соопштија локалните власти од Индија.

„Може да потврдиме смрт на пет луѓе од вирусот Нипах, додека 94 лица кои биле во контакт со починатите се во карантин“, наведуваат санитарните власти во Керала, на југот на Индија.

Девет лица се во болница поради симптоми кои потсетуваат на инфекција од тој вирус.

Вирусот Нипах кој е распространет во јужна и југоисточна Азија, го пренесуваат лилјаците и може да биде смртоносен во 70 отсто од случаите. Прв пат е идентификуван во 1998 година во Малезија на подрачјето Нипах.

Светската здравствена организација соопшти дека вирусот го пренесуваат животни, но и луѓе. Симптомите се треска, главоболка и поспаност пропратена со дезориентација и ментална конфузија. Вирусот може да предизвика кома и силно воспаление на мозокот доколку не се лечи на време.
За сега не постои вакцина против овој вирус.