Советот на општина Центар, со мнозинство гласови ја усвои одлуката за запирање на спроведувањето на 31 детален урбанистички план.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против иако дискутираа дека не се противат на преиспитување на ДУП-те.

Со одлуката, нема да се постапува по ново поднесените барања со кои отпочнува управна постапка за издавање одобренија за подготвителни работи и постапките за издавање одобренија за градење, доградба и надградба.

Одлуката ја предложи градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ. Дуповите кои што се донесени главно во времето кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ од ВМРО-ДПМНЕ, и дел од нив се носеа во ноќните часови, не се целосно изработени според законските обврски и правила и се појавуваат недостатоци во урбанистичко планската документација која не е во согласност со Генералниот урбанистички план.

„Тие ДУП-ве се носени на јуриш и тоа во декември 2012 пред да биде донесен Генералниот урбанистички план“, рече градоначалникот Богдановиќ.

„Претходно донесениот Мораториум е краток за да се направи анализа на Деталните урбанистички планови и да се овозможи законитост во постапувањето, правна сигурност на жителите на општина Центар, а особено поради неопходната потреба за усогласување на планската документација со законските обврски и фактичката состојба“, стои во образложението.

При носењето на ДУП-те се водело главно грижа за потреби и интереси на поединци, , а не се водело сметка за хуманиот аспект на живеење: зеленило, паркинг, изградба на неопходни јавни, образовни и културни установи.

Рационалното уредување, услови за хумано живеење, надминувањето на урбаните бариери на лица со попреченост, заштита и унапредување на животната средина, а особено вклучување на јавноста во постапката за донесување на планската документација ќе бидат основни принципи по кои ќе постапува општина Центар при изготвување на новите Детални урбанистички планови.