Вечерва извршив обиколка на неколку контролни пунктови во Скопје, со цел увид во организацијата на сите потребни активности за контрола на ограничување на движењето со времетрање од 22.00 часот до 05.00 часот според одлуката на Владата, и можам слободно да констатирам дека се преземени сите потребни активности.

Нашата полиција, полициските службеници од сите организациони единици во МВР, во текот на глобалната пандемија предизвикана од Ковид-19, се на првата линија на превенција во заштитата на здравјето и животот на сите наши граѓани, подготвено, плански и темелно постапуваат во спроведување на мерките, а се само со една цел – што побрзо и пред сѐ, што побезболно да го надминеме ризикот по здравјето на луѓето, да ги заштитиме нашите сограѓани, да превенираме, но и да санкционираме доколку тоа биде потребно.