Министерството за внатрешни работи од сопствени буџетски средства набави осумдесет нови дрегери за алкотестирање, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на презентацијата на новите службени униформи за припадниците на Одделот за заштита.

„МВР набави осумдесет нови дрегери за алкотестирање по единечна цена од 55 илјади денари без ДДВ, 30 радари за контрола на брзината на возење по единечна цена од 340.000 денари без ДДВ, како и 30 фотоапарати со надворешен блиц и дополнителна опрема за потребата на сообраќајните увидни екипи по единечна цена 59.355 денари без ДДВ“, рече Спасовски.

Министерот додаде дека во текот на викендов во скопското подрачје биле спроведени засилени сообраќајни акциски контроли, а присуство на алкохол во крвта било регистрирано кај 480 возачи.

„Беа извршени вкупно  2.335 проверки на возила и возачи по однос на почитување на сообраќајните правила и прописи. Притоа, кај 480 возачи констатирано е присуство на алкохол во крвта и тие се исклучени од сообраќај, а истовремено евидентирани се и 454 други сообраќајни прекршоци за што се издадени соодветни санкции“, изјави Спасовски.