Лично сум згрозен од информациите објавени на неколку портали кој ме поврзуваат со некаква продажба на хотел во Охрид. Во интерес на вистината сакам да потенцирам дека информациите објавени во текстот се чиста шпекулација, без проверени факти за начинот и времето кога е спроведена постапката за продажба на предметниот хотел.

Сакам да појаснам дека целокупната постапка за отуѓување на хотелот во Охрид е спроведена во 2015 и 2016 година.

Имено, во 2015 година тогашната Влада на ВМРО ДПМНЕ донела одлука за продажба на објектот кој во тоа време бил во сопственост на државата. Проценетата вредност на објектот е утврдена од страна на Бирото за судски вештачења.

Врз основа на утврдената вредност, во 2016 година спроведени се три јавни повици за продажба кои се неуспешни поради немање на заинтересирани понудувачи.

На четвриот јавен повик кој е објавен исто така во 2016 година, пријавени биле заинтересирани понудувачи. Врз основа на овој јавен повик, спроведена е постапка за отуѓување на објектот која се врши по пат на јавно наддавање преку електронскиот систем.

Во оваа постапка избран е најповолен понудувач, но по укажување на Државната Комисија за спречување на корупцијата, истиот договор не е склучен поради оддржување на изборниот процес.

По завршување на изборниот процес и по даденото позитивно мислење од страна на Државното Правобранителство во однос дека целата постапка е законска и не се нарушени државните интереси, Министерството за транспорт и врски го склучува договорот со најповолниот понудувач.

Ова е процес кој се водел од претходната власт, но како и да е јас нема никогаш да дозволам да се спроведе постапка која е надвор од законите.

Стоиме на располагање за сите кои сакаат да ја погледнат целокупната документација пред се заради транспарентност и отчетност.