СВР Битола до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талевски (59) за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“.

Кривични пријави се поднесени и против тројца негови соработници осомничени за „Несовесно работење во службата“, С.Б. (59), поранешен раководител на финансии и претседател на комисија за јавни набавки, М.К. (66.) правник во Oпштина Битола и член на Kомисијата за јавни набавки и С.П. (55), советник за образование во општина Битола и член на комисијата за јавни набавки.

Портпаролот на СВР Битола Сања Стаматова на прес-конференција информираше дека првопријавениот Талевски по завршување на претходен договор со П.П. ДОО за јавна набавка на екстра лесно масло за греење, односно во период од 25 октомври 2012 до 19 декември 2012 година ги пречекорил своите службени овластувања и без да се потпише анекс-договор, дозволил да се извршат набавки на масло за греење од П.П. ДОО и Е.Б. ДООЕЛ.

Исто така, посочи Стаматова, на 27 декември 2016 година повикувајќи се на стар договор со П.П. ДОО со важност до 1 декември 2016 година, без да се потпише анекс-договор, дозволил да се изврши набавка на уште 9.324 литри масло за греење од истото правно лице.

– Второпријавениот како претседател, а трето и четвртопријавениот како членови на комисија за јавни набавки во Општина Битола, во постапка за набавка на екстра лесно масло за греење на 17 декември 2012 година несовесно постапиле при вршење на својата должност, иако биле свесни дека Е.Б. ДООЕЛ не доставил и не поседува лиценца од Регулаторна комисија на Република Македонија за трговија со сурова нафта, нафтени деривати, био гориво и горива за транспорт, изготвиле одлука за најповолен понудувач, врз основа на која првопријавениот донел одлука за избор и потпишал договор – рече Стаматова.

Со тоа, додаде портпаролката на СВР Битола, на Е.Б. ДООЕЛ му било овозможено да се стекне со противправна имотна корист. Со опишаните дејствија пријавените им овозможиле на двете фирми да стекнат противправна имотна корист од 44.870.702 или 729.604 евра.