Во кривичниот суд утре продолжуваат судењата за случаите на СЈО “Тенк”, “Tендери” и “Toтал”.

Во случајот „Тенк“ треба да има завршни зборови, а обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски. Случајот се однесува на спорниот начин на набавка на скапо возило – Мерцедес. На последното рочиште, судијката Добрила Кацарска им порача на адвокатите да подготват завршни зборови.

Во случајот “Тендери” првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска – Милевска. На претходното рочиште се преслушаа пет разговори кои СЈО ги предложи како доказ. Во наведените разговори се слушна како поранешната министерка за култура Канчевска –Милевска му ветила тендер за градење на „Музејот на ВМРО“ на директорот на компанијата Бетон од Штип. Второобвинетиот и третообвинетиот во овој случај се членовите на Комисијата за јавни набавки.

Утре ќе продолжи и судењето за предметот “Toтал”, во кој се товари новинарот Драган Павловиќ Латас за даночно затајување.