Во собраниска процедура се договори за четири стратешки инвестиции во енергетскиот сектор. За содржината на овие договори и ефектите кои се очекуваат од овие стратешки инвестиции разговаравме со потпретседателот на Владата за економски развој, Фатмир Битиќи

Либертас: Најавивте 4 стратешки инвестиици во државата. За почеток може ли накусо да ни кажете кои се тие инвеститори и која е нивната цел?

Битиќи: Ќе почнам со оној за кој очигледно во јавност се крена најногу прашина, а тоа е комбинираната електро и топлинска централа на грчкиот инвеститор Митилинеос. Вкупниот износ на инвестицијата е околу 290 милиони евра, што е износ кој до сега го нема достигнато ниту еден енергетски објект изграден од независноста до денес, и ќе има производствен капацитет од 165 мегавати електрична енергија и максимум од 105 мегавати топлинска енергија, или тоа да е појасно за граѓаните, ќе имаме производство на електрична енергија еквивалент на потребите на околу 100.000 домаќинства, како и топлинска енергија која е доволна да ги задоволи потребите на преку 35.000 домаќинства. Митилинеос е најголемата приватна енергетска компанија во Грција, со вкупен сопствен капацитет од 14.000 мегавати електроцентрали, и повеќе од 5.400 вработени.

Соларниот парк Стипион кој ќе го гради француската АКУО и кој ќе се гради на територијата на планираниот карго аеродром во Штип, кој според сите физибилити студии се покажа нелогичен и секако неисплатлив, е во вкупна вредност од околу 270 милиони евра, и ќе има инсталиран максимален производствен капацитет од соларни панели од 400 мегавати, или очекувано годишно производство од околу 700.000 мегават-часови електрична енергија. Овој соларен парк ќе биде прв во нашата држава кој ќе се гради според концептот на агроволтаични централи, односно во деловите каде ќе се протега над плодно земјоделско земјиште, ќе биде така изведен да може во исто време да се обработува земјоделското земјиште како и до сега. Француската АКУО поседува преку 80 соларни паркови во различни делови од светот, а последен проект кој е многу сличен на оној кој ќе го градат кај нас се прави во Португалија, и истиот има инсталирана моќност од 380 мегавати.

АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ е стратешкиот инвеститор кој прави еден интересен склоп на електрична енергија произведена од соларни панели која ќе се комбинира заедно со производство на електрична енергија од мали гасни централи, што всушност ќе биде најголемата додадена вредност за нашата економија, затоа што ќе ја зацврстиме нашата енергетска сигурност со производство на базна енергија која е достапна во секој дел од денот. Покрај овие две технологии, инвеститорот се обврзува да постави и батериски системи кои ќе бидат дополнителна вредност поврзана со континуираното снабдување на електрична енергија на државата. Оваа инвестиција е во вредност од 149 милиони евра во прва фаза, плус 25 милиони евра во втора фаза, а ќе се реализира на територија на општините: Неготино, Петровец, Могила, Гевгелија, Илинден и Кичево

Со проценета инвестициона вредност од околу 51,9 милиони евра е соларниот парк Хек Солар кој ќе се гради во непосредна близина на Пехчево, во источниот дел од државата, кој конечно од конзумент ќе стане и производител на електрична енергија, со што секако ќе придонесе воbподобрување на севкупниот енергетски биланс на целата држава. Инсталираната моќ на овој парк ќе биде околу 70 мегавати, односно проектираното годишно производство ќе се движи околу 100 гигават-часови. Хек Солар е компанија од соседна Бугарија, која има повеќе од една декада искуство во изведба и менаџирање на вакви централи, има изведено околу 100 соларни централи, во 12 земји, кои имаат вкупен капацитет од 2,5 гигавати.

Либертас: Во моментов колку е Македонија суверена кога зборуваме за енергетиката?

Битиќи: Ќе се обидам да зборувам на наједноставен начин, за да биде полесно за вашите читатели, ние годишно увезуваме од 25-35% од сопствените потреби на електрична енергија, ова е податок кој е јавно достапен заклучно со 2022 година, затоа што за 2023 се уште немаме целосни официјално потврдени информации. Топлинската енергија пак која ја произведуваме од 100% увезен природен гас ја произведуваме во домашните топлани, што би се рекло тука немаме директен увоз на топлинска енергија, но индиректно целосно ја увезуваме преку гасот. Нафтата и нејзините деривати се исто така 100% увозни, освен оние мали количини биодизел кои се произведуваат кај неколку наши домашни производители. Оттука можеме да заклучиме дека, освен во оние енергенси кои ги немаме, затоа што секако немаме природни наоѓалишта за нив, ние треба да се концентрираме на ресурси и производство на енергенси со кои би можеле да го подобриме нашиот енергетски и пред се трговски биланс. Тоа секако можеме да го направиме преку носење на странски инвестиции, во ниеден случај не занемарувајќи ги домашните капацитети, за производство на електрична енергија, и од земја која е нето увозник да станеме земја која е нето извозник на електрична енергија, па во догледно време и на водород (хидроген) кој веќе во високо развиените земји се планира да биде енергенсот на иднината. Ваквите трендови ќе имаат мултисекторско влијание врз нашата економија, па ако сакате и на нашето целокупно општество, затоа што така наместо дефицит ќе бележиме суфицит во трговијата со електрична енергија, ќе се отворат многу нови високоплатени работни места во енергетиката, повеќе придонеси, даноци и други давачки кои овие инвестиции ќе ги уплаќаат во централниот буџет но секако и во општинските буџети. Позитивното влијание на животната средина со тоа што производството на РЕК каде примарен енергенс е лигнитот, во огромен дел ќе се замени со обновлива електрична енергија добиена од сонце, е од непроценливо значење за нашата држава, со посебен акцент на пелагонискиот регион. Последно но не помалку важно, подобриот трговски биланс ќе значи и поголем девизен прилив и подобри услови на девизниот пазар од аспект на монетарната политика.

 

Прочитајте повеќе на Либертас.