Основачот на „Фејсбук“, Марк Цукерберг, призна дека направиле грешка во случајот со компанијата „Кембриџ аналитика“ (CA).

Станува збор за скандалот поврзан со претседателските избори во САД во 2016 година поради кој акциите на „Фејсбук“ забележаа вртоглав пад. Имено, беше откриено дека „Кембриџ аналитика“ (CA), компанија специјализирана за стратешки комуникации, собрала податоци од милиони корисници на „Фејсбук“ без нивна согласност со цел да ги искористи за изработка на софтвер што би овозможил предвивување и влијание врз гласањето на бирачите.

Податоците биле собрани преку апликација за психолошко тестирање која ја презеле 300.000 корисници на социјалната мрежа. Истата била креирана од страна на рускиот психолог Александар Коган, кој потоа неоправдано ги отстапил податоците на компанијата CA.

Цукерберг во својата објава на „Фејсбук“ напиша дека дошло до прекршување на довербата меѓу „Фејсбук“ и луѓето кои ги споделиле своите податоци со социјалната мрежа.

„Јас го креирав ‘Фејсбук’ и на крајот од денот јас сум одговорен за она што се случува на нашата платформа“, напиша тој.

Цукерберг, исто така, најави конкретни мерки. За почеток, тој вети дека ќе ги испита сите апликации кои имале пристап до голема количинаа информации до моментот кога во 2014 година платформата го ограничила пристапот до информации за корисниците.

„Ние имаме одговорност да ги заштитиме вашите информации, а ако не можеме, не заслужуваме да обезбедуваме услуги. Јас работам за да утврдам што точно се случило за да може да преземеме мерки со цел истото да не се повтори. Добрата вест е дека најважните чекори за спречување вакви ситуации веќе се преземени пред неколку години. Сепак, направени се грешки и затоа и во иднина треба напорно да се работи“, напиша во своето обраќање Цукерберг.

Инаку, во 2013 година истражувачот од Универзитетот во Кембриџ, Александар Коган, направил апликација за тестирање на особините на личноста. Ваквата апликација достапна преку „Фејсбук“ ја презеле околу 300.000 луѓе кои ги споделиле своите податоци, но и некои информации за нивните пријатели. Поради начинот на кој тогаш функционирал „Фејсбук“ како платформа, Коган имал пристап до десетици милиони податоци во врска со фејсбук-пријателите на оние корисници кои преземале тестот. Во 2015 година новинарите на „Гардијан“ информирале дека Коган ги споделил собраните податоци од апликацијата со компанијата „Кембриџ аналитика (CA)“, која ги искористила за изработка на софтвер што би овозможил предвивување и влијание врз гласањето на бирачите.

„Против нашите правила е програмерите да користат податоци без согласност на луѓето, така што веднаш откако бевме информирани ја забранивме апликацијата на Коган и побаравме тој и ‘Кембриџ аналитика’ официјално да потврдат дека ги избришале сите податоци што ги презеле неовластено, при што ги добивме сертификатите кои ги побаравме“, информираше Цукенберг.