„Кај нас се манипулира со зборот патриот. Не верувам дека патриоти се луѓе кои промовираат омраза кон се што е поразлично. За мене патриоти се луѓе кои се трудат да допринесат нешто во заедницата и да креираат општество во кое сите подобро живееме“ рече пратеничката од СДСМ, Санела Шкријељ во утринската програма на „Слободен печат“ во соработка со „Градска.мк“.

Таа додаде дека во кризни моменти, со какви што светот се соочува последните години, секогаш има пораст на етнонационалистичка реторика, говор на омраза, но порача дека јавните личности имаат одговорност да не ги пренесуваат таквите пораки.

„Дури и во овој страшен случај со убиството на Вања, некои луѓе се обидоа да манипулираат и да го искористат за партиски препукувања. Недозволиво е и добар дел од медиумите не ги пренесуваат тие пораки, но видовме примери на неетичко известување и ширење на дезинформации“ рече Шкријељ.

Пратеничката додаде дека кон зголемување на насилството и агресијата влијае тоа што се пласира во јавноста, кои вредности се промовираат и како се однесуваат јавните личности, вклучувајќи ги и политичарите.