Претседателот на Српската народна партија и поранешен министер за надворешни работи на земјата, Вук Јеремиќ, изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ води тајни преговори со претседателот и премиерот на Косово Хашим Тачи и Рамуш Харадинај.
Јеремиќ вели дека Вучиќ се обидува неумешно да ја прелаже меѓународната заедница, но и да купи дополнително време за себе и своите коалициски партнери во Приштина.

„Со оглед на тоа што рокот за решавање на косовското прашање истекува на почетокот на летото, Вучиќ сега има потреба од сè што ќе користи во тој процес. Во вторникот тој беше во Париз на тајна вечера со Хашим Тачи, а во понеделникот тајно отпатува за Њујорк, за што српската јавност не беше информирана. Тој исто така води преговори со Харадинај преку близок посредник од неговото опкружување“, изјави Јеремиќ.

Поранешниот министер за надворешни работи на Србија, објасни дека Вучиќ предложил идеја за размена на јужниот дел на Србија за северно Косово, но истата била одбиена, бидејќи оддамна ветил потпишување сеопфатен договор меѓу Белград и Приштина, што ќе му овозможи на Косово да се приклучи кон Обединетите Нации.

Јеремиќ посочи дека Вучиќ панично се обидува да стигне до сеопфатен договор, бидејќи веќе шест години тргува со српските интереси на Косово, за да ја зајакне, како што вели, својата брутална диктаторски власт. Според Јеремиќ, српскиот претседател исполнува сè што е побарано од него, без да постави услови и без албанската страна да го исполни нејзиниот дел од договорот.